Печени пиперки во тегли

Супер вкусни преку целата зима! Приготвивме ајвар, лутеница, па на ред дојдоа и запржените печени пиперки во тегли. Со додаток на лук и магдонос за совршено гурманско уживање. Исечете парчиња леб, направете брускети со пиперки и послужете ги како мезе. Брзо и вкусно!

На колку различни начини, ние Македонците можеме да ги приготвиме пиперките? На 10, 100 или 1000? – Сигурни сме дека бројот на рецепти со пиперки е голем, а ако знаете добар рецепт за зимница со пиперки ве покануваме да го споделите во групата на Сѐ за храна.

печени пиперки во тегли

Состојки:

  • 5 кг пиперки за ајвар – ками
  • 2-3 лути пиперки по желба
  • 500 мл масло
  • сол по вкус
  • 5 чешниња лук (може и повеќе по вкус)
  • ½ киска магдонос.

Подготовка:

  1. Пиперките измијте ги, исчистете ги од семките и испечете ги. Потоа излупете ги и исчистете ги од преостанатите семки. Оставете ги да се исцедат за време од 2-3 часа.
  2. Потоа исечете ги на коцки.
  3. Во поголемо тенџере на оган ставете ги пиперките. Мешајте за да испари течноста, а по 15-тина минути додајте 200 мл масло. Продолжете со пржењето и додајте сол по вкус.
  4. Постепено додавајте од маслото и продолжете со пржењето уште 15-тина минути. Времетраењето е во зависност од големината на садот за пржење. Кон крајот додајте ситно сечкан лук и магдонос. Пропржете ги уште 5 минути.
  5. Во чисти, претходно загреани тегли ставете ги пропржените пиперки. Теглите ставете ги во загреана рерна на 100 степени за време од 10 минути.
  6. Внимателно извадете ги теглите од рерната и затворете ги со капак. Наредете ги врз кујнски чаршав и завиткајте ги. Оставете ги да се изладат, а потоа теглите складирајте го со останатата зимница. Уживајте во светот на вкусовите!

Препорака од авторот:

„Кога се готви со љубов се прават највкусните јадења, нели е така? Со голема љубов и време се припремаме за зимата која доаѓа. Шпајзот полека се полни со највкусната зимница. Од сѐ по малку за различно гурманско уживање низ ладните денови. Овој пат со вас го споделувам рецептот за печени пиперки во тегли. Наместо да ги замрзнувате, направете ги по овој рецепт. Вкусот е ист како и првиот ден од подготовката. Верувам дека ќе ви се допаднат, а за сите прашања пишете ми на Instagram или Facebook, каде што може и да ме следите. Уживајте низ фотографиите кои ги направив за вас!“ – вели Марија Кочовска од нашиот тим.

Ви препорачуваме да прочитате: Традиционален македонски ајвар.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: