Како резултат на изобилството витамини и минерали, застапеноста на тиквичките во исхраната е значајна. Благодарение на поволниот нутритивен состав, тиквичките се одлични регулатори на крвниот притисок и холестеролот.
Многумина од нас, најчесто тиквичките ги припремат со пржење, а како повкусна и поздрава варијанта ви предлагаме да го пробате едноставниот и лесен рецепт за печени похувани тиквички, кој е многупати испробан во нашата кујна.
Состојки:
- 1 тиквичка со средна големина
- 2 јајца
- сол, црн пипер
- презла (лебни трошки) по потреба
- брашно по потреба
Подготовка:
- Тиквичките измијте ги и излупете ги. Потоа исечете ги на кругови со дебелина од 5 мм.
- Во сад ставете ги јајцата и изматете ги со вилушка. Во садот со изматени јајца, додајте сол, црн пипер по вкус, а исто така по желба зачинете со копар, кари, куркума.
- Во една чинија ставете го брашното, а во друга лебните трошки.
- Круговите од тиквички извалкајте ги во чинијата со брашно, потоа ставете ги во садот со изматените јајца и на крај испрпелајте ги во презла.
- Вака припремените тиквички ставете ги во тава, обложена со хартија за печење.
- Печете ги во загреена рерна на температура од 220 степени, за време од 10 минути. Потоа извадете ја тавата и тиквичките превртете ги од другата страна. Печете уште 10 минути.
- Печените похувани тиквички извадете ги од рерната и оставете ги 5 минути да се изладат. Послужете ги додека се топли во комбинација со месо или свежа салата. На здравје!