Речиси и да нема човек кој не обожава зелник со спанаќ и сирење. Тој вкус нѐ враќа во детството и нѐ потсетува на едно време кога нашите баби ни го правеа ова вкусно јадење. Сега благодарение на Лана имаме еден супер рецепт за пита зелник со спанаќ и сирење во полесна варијанта, па секој многу лесно ќе може да си го направи ова совршено задоволство.
Оваа пита многу потсетува на бурек, но корите се многу пофини и лиснати, а богатиот фил од јогурт, сирење и спанаќ ја прават уште подобра. Може да се сечи на коцки, а по желба може да направите и поединечни триаголници или полжавчиња.

Состојки:
За кори:
- 350 г брашно
- 1 рамна лажичка сол
- 2 лажици масло
- 200 мл вода
За фил:
- 300 г исчистен спанаќ
- 200 г фета сирење
- 100 мл јогурт
- 2 јајца
- малку сол.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење додајте ги брашното, солта, маслото и со топла вода замесете средно меко тесто.
- Садот со тестото покријте го со кујнска крпа и оставете го да одмори на собна температура, околу 15 минути.
- Потоа, тестото поделете го на 3 дела и обликувајте го во топчиња.
- Оставете ги топчињата да нараснат кратко време, а потоа секое топче обликувајте го во кора со кружна форма. Една кора треба да биде поголема од другите.
- Потоа, подгответе го филот. Спанаќот исчистете го, темелно измијте го и ситно исечкајте го.
- Вака подготвениот спанаќ измешајте го со сирењето и матените јајца. Додајте 1 лажичка сол и неколку лажици густ јогурт. Добро промешајте.
- Калапот за печење премачкајте го со масло.
- Врз намрсениот калап ставете ја поголемата кора, така што тестото ќе ги преминува краевите на калапот.
- Попрскајте ја кората со малку масло и распоредете ја со ½ од претходно подготвениот фил.
- Преку филот ставете ја и втората кора и повторно попрскајте ја со масло и распоредете ја со преостанатиот фил.
- Третата кора ставете ја најгоре врз питата. Преклопете ги краевите кои висат од првата кора и добро спојте ја со последната кора.
- Вака подготвената пита исечете ја на коцки со големина по ваша желба и премачкајте ја со уште малку масло.
- Оставете ја питата кратко да одмори, а во меѓувреме загрејте ја рерната.
- Печете ја на 200 степени околу 40 минути, додека добие убава кора и порумени.
- Питата послужете ја додека е топла со малку кисело млеко. На здравје!
Напомена: На ист начин може да направите и пита со сирење.
Ви препорачуваме да прочитате: Зелник со кисела зелка.