На Инстаграм може да се најдат повеќе креативни профили на млади девојки и момци кои секојдневно ги објавуваат своите рецепти. А, ние продолжуваме да ги споделуваме највкусните слатки и солени рецепти на нашите блогери. Овој пат Катерина ни ја испрати нејзината пита со чоколаден крем.
Вкусните десерти со чоколадни кремови се наша слабост, па штом го видовме овој рецепт на нејзиниот профил, веднаш сакавме да го споделиме со вас. Одличен е да го направите за време на празиците кои доаѓаат, а постапката за подготовка на оваа пита може да ја погледнете на видеото: Декоративна пита со нутела во вид на ѕвезда.

Состојки:
- 500 г брашно
- 3 јајца
- 1 кесичка прашок за печиво
- 80 г шеќер
- 30 г растопен путер
- прстофат сол
- 80 мл млако млеко
- чоколаден крем по избор (со лешници…)
- 1 жолчка.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење ставете ги брашното, шеќерот, прашокот за печиво и измешајте ги.
- Во садот додајте ги солта, млекото, јајцата и путерот. Месете додека добиете мазно тесто.
- Тестото вратете го во садот, покријте го со кујнска крпа и оставете го половина час да „одмори“.
- Потоа поделете го на четири еднакви дела и од нив размесете кори.
- Корите исечете ги на кругови со помош на тркалезен поголем плиток сад. Садот ставете го врз кората, а тестото кое останало надвор, исечете го со нож.
- Тркалезниот плех во кој ќе печите, обложете го со хартија.
- Врз хартијата за печење ставете ја првата кора и премачкајте ја со чоколаден крем. Истото повторете го со сите кори, но не ја мачкајте последната.
- Во средината направете круг со помош на чаша, а тестото околу кругот поделете го на 16 еднакви делови.
- Земете два дела кои се еден до друг и вретете ги едниот нанадвор, а другиот навнатре, односно еден спрема друг. Постапката повторете ја и со останатите делови.
- Питата премачкајте со жолчка измешана со 2-3 капки млеко.
- Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 20 до 25 минути или додека порумени. Добар апетит!
Автор на рецептот: Катерина Јанкуловска, @katerina_foodforfoodies_.
Ви препорачуваме да прочитате: Декоративна пита со нутела во вид на ѕвезда.