За добро утро и убав почеток на денот направете полжавчиња со спанаќ и сирење! – Совршено одговараат со чаша јогурт или чај.
Саканите се одличен мотив за да ги направите. Израдувајте ги со вкусни полжавчиња со спанаќ и сирење. Имаат убав и декоративен изглед, па лесно може да се вклопат во сечија трпеза за било кој повод и пригода. Меки се и вкусни, па несомнено ќе им се допаднат на сите. Рецептот ни доаѓа од кујната на нашата пријателка Лана, а подетално постапката за формирањето на полжавчињата може да ја погледнете на овој линк.

Состојки:
- 600 г брашно
- 1 лажичка шеќер
- 25 г свеж квасец
- 1 лажичка сол
- 200 мл млеко
- 200 мл кисело млеко
- 100 мл масло
- 100 г растопен путер за премачкување
- 1 јајце
- сусам за поросување.
За фил:
- 300 г младо сирење
- 300 г спанаќ
- 1 лажица павлака со поголем процент на масленост
- 1 јајце
- малку сол.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете ги квасецот, половина чаша топло млеко, 1 лажица брашно и 1 лажичка шеќер. Измешајте со лажица за квасецот да се растопи и се добие хомогена смеса. Садот оставете го на топло место за време од 5 од 10 минути додека квасецот нарасне.
- Потоа, во садот додајте ги просеаното брашно, солта, маслото, млекото и киселото млеко. Од состојките замесете мазно тесто, а по потреба додавајте брашно.
- Тестото покријте го со кујнска крпа и оставете го околу 30 минути додека двојно го зголеми својот волумен.
- Во меѓувреме подгответе го филот. Спанаќот измијте го и ситно исечкајте го. Во друг сад изматете едно јајце и во него додајте ги иситнетото сирење, спанаќот и 1 лажица полномасна павлака. Филот посолете го по вкус.
- Потоа, врз добро набрашнета работна маса, тестото поделете го на 6 дела. Од секој дел со помош на сукало оформете округла кора.
- Секоја кора премачкајте ја со малку растопен путер и дополнително развлечете ја со рацете, за да добиете тенко тесто.
- На еден крај од тестото ставете 2-3 лажици од филот и завиткајте ја кората во форма на ролат. А потоа, ролатот завиткајте го во форма на полжавче.
- Готовите полжавчиња наредете ги во плех обложен со хартија за печење и оставете ги околу 15 минути да нараснат.
- Пред печење полжавчињата премачкајте ги со матено јајце и поросете ги со сусам.
- Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 30 минути додека поруменат. Послужете ги топли. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Домашни кифлички – полжавчиња со ајвар.