Многумина читатели ни побараа рецепт за полнети гамби со урда. Мали, крцкави и вкусни, идеални за салата со чашка ракија во зимските ладни месеци. Така се роди идејата да побараме добар рецепт и да го искомбинираме со нашата омилена урда
А штом сакаме да пробаме нешто ново, но не знаеме рецепт, бараме помош од нашите поискусни следбеници. Тие ни кажаа многу убави рецепти за гамби со урда без конзерванси, а ние си направиме наша комбинација. Им се заблагодаруваме на сите што ни помогнаа во пронаоѓањето на добар рецепт! Најмногу ни се допадна тоа што овој рецепт нуди можности за експериментирање и прилагодување на вкусот, баш како што вам ви одговара. Основниот фил се прави со урда, а по желба може да додадете дробено сирење, кајмак, ситно сечкан магдонос, копар, а одлично се вклопуваат и сечкани ореви.

Состојки:
- 1 кг гамби
- 1 литар вода
- 1 лажица сол
- 1 лажица шеќер
- 300 мл бела киселина
- урда по потреба
- сол и црн пипер по вкус
- маслиново масло по потреба
- магдонос, копар, сечкани ореви по желба.
Подготовка:
- Во тенџере на оган се става водата, солта, шеќерот и киселината да се варат. Штом солилото зоврие, тенџерето се трга од огнот. Се остава солилото да се излади кратко време.
- На гамбите им се чистат дршките и семето. Исчистените гамби се ставаат во длабок сад. Во садот се додава солилото. Се оставаат гамбите да стојат за време од 24 часа.
- Наредниот ден, гамбите се вадат од солилото и се цедат.
- Урдата се зачинува со сол и црн пипер по вкус. Со вака приготвениот фил се полнат гамбите. По желба може да направите фил од урда, магдонос, дробено сирење или други зачини.
- Гамбите се редат во тегли. Штом теглата е полна се налева маслиново масло за да ги покрие пиперките. Теглите се затвораат со капак, по што следува постапката на пастеризација која може да ја направите на два начини: во рерна или на ринга.
- Пастеризација на тегли во рерна. Вака приготвените тегли се редат во ладна рерна. Потоа, рерната се вклучува на 150 степени. Теглите се пастеризираат за време од 1 час и 30 минути. Рерната се исклучува, а теглите се оставаат внатре додека потполно се изладат. Најдобро е оваа постапка да ја правите во вечерните часови, така што наредниот ден ќе добите совршена зимница.
- Вториот начин на пастеризација е со варење на теглите. Прво, завиткајте ги теглите со стар весник, а ставете ги во длабоко тенџере. Налејте вода за да ги покрие теглите. Тенџерето ставете го на оган. Штом водата во тенџерето зоврие, продолжете со варењето уште 10 минути. Потоа исклучете ја ринглата. Оставете ги теглите во водата уште некое време додека забележите дека таа се лади. Потоа извадете ги теглите и избришете ги од водата. Ставете ги во стара крпа или ќебе и добро завиткајте ги. Оставете ги да се изладат целосно.
- Проверете дали капаците се добро вакумирани, а потоа теглите наредете ги кон останатата зимница. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Кисели бабури полнети со зелка.