Идеите за посни десерти секогаш се добредојдени! Сигурни штом го читате овој рецепт, обожавате да експериментирате во кујната и да приготвувате нови, интересни јадења. Овој пат, благодарение на Катерина, споделуваме супер рецепт за посен интегрален колач со кандирано овошје.
Најмногу ни се допадна што Кате го направила колачот со интегрално брашно и кафеав шеќер. Плус тоа, колачот има превкусен фил од оризово млеко.

Состојки:
- 65 гр спелтино брашно
- 65 гр интегрално брашно
- 65 гр компиров скроб (или густин)
- 40 гр кафеав шеќер
- 70 мл вода
- 1 лажичка прашок за печиво
- 2 лажици масло
- 1 портокал (само кората).
Фил:
- 250 мл оризово млеко
- 40 гр шеќер
- 20 гр густин
- 1 ванила
- 2 лажици кандирано овошје.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете ги сплетиното и интегралното брашно, скробот, шеќерот, прашокот за печиво и ренданата кора од портокалот. Измешајте ги состојките со лажица, а потоа додајте ги маслото и водата.
- Замесете тесто, а по потреба додајте вода.
- Завиткајте го тестото во најлонска фолија и оставете во фрижидер за време од 30 минути.
- Во меѓувреме пригответе го филот. Растворете го густинот и шеќерот со малку оризово млеко.
- Останатото млеко и ванилата ставете ги во тенџере на оган. Штом млекото зоврие, додајте го густинот. Постојано мешајте додека филот се згусти. Потоа, тенџерето тргнете го од огнот.
- Тестото поделете го на 2 не еднакви дела. Исучете го поголемиот дел во кора и ставете ја во калап.
- Избоцкајте ја кората со виљушка и нанесете го филот. Врз филот ставете го кандираното овошје.
- Исучете го и помалиот дел од тестото и нанесете го врз кандираното овошје.
- Убаво затворете ги краевите на колачот. Калапот ставете го да се пече во загреана рерна на 180 степени, за време од 40 минути.
- Печениот посен интегрален колач оставете го да се олади. На крај, посипете со шеќер во прав и какао и послужете. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Посен колач со суво овошје.