Исклучително здрав, брз, вегетаријански и посен прилог од здрави зеленчуци како зелка, моркови и келераба ви приготвивме во нашата кујна. Може да го послужите во комбинација со месо или да го јадете како оброк.
Овој прилог со арома на сенф е многу е вкусен, па топло ви препорачуваме да го пробате. Идеален е за време на пости, за сите кои практикуваат здрава исхрана или пак се на диета. Пробајте го, нема да погрешите!

Состојки:
- 1 чаша ситно сечкана зелка
- 3 поголеми моркови
- ¾ чаша рендана келераба
- 100 мл млака вода
- 2 лажици сенф
- хималајска сол по вкус
- црн пипер по вкус
- 2 лажици маслиново масло по потреба.
Подготовка:
- Зелката ситно исечкајте ја. Морковите и келерабата изрендајте ги на крупната страна на рендето.
- На оган, на умерена температура ставете нелеплива тава да се загрее. Во тавата додајте ја зелката и кратко пропржете.
- Потоа додајте ги ренданите моркови и келераба. Во тавата налејте ја водата и покријте ја со капак.
- Зеленчуците динстајте ги за време од 10 до 15 минути. Потоа извадете го капакот, додајте го маслиновото масло и продолжете со динстање додека течноста испари, а морковите омекнат.
- Зеленчукот посолете го по вкус и поросете го со мелен црн пипер. Измешајте ги и додајте ги лажиците сенф. Ринглата исклучете ја, а состојките убаво измешајте и оставете ја тавата уште минута до две. Потоа, тавата тегнете ја од огнот.
- Динстаниот посен прилог од зелка и моркови, послужете го веднаш додека е топол. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Кремаст прилог од ориз и моркови.