Чоколадо со лешници! Звучи примамливо, нели? Ако постите и не можете да одолеете на омиленото чоколадо, ние имаме решение. Нашата драга Невена ни приготви супер рецепт за посен чоколаден колач со лешници.
Се приготвува едноставно, а целото семејство ќе се заслади со овој десерт. Идеален за куќни свечености за време на пости, како и за вегетаријанци. Нема матење со миксер, а се прави за речиси 5 минути. Измешајте ги состојките и ставете го колачот да се пече. Тоа е тоа!

Состојки:
- 250 гр брашно
- 250 гр шеќер
- 4 рамни лажици какао
- 1 кесичка прашок за печиво
- 2 лажици масло
- 280 мл млеко од соја
- 1 лажица екстракт од ванила
- 70-80 гр лешници.
Подготовка:
- Брашното, какаото и печивото просејте ги низ сито и ставете ги во сад.
- Додајте ги шеќерот, маслото, млекото, ванилата и мешајте со жица за матење, додека добиете хомогена смеса без грутчиња.
- Смесата истурете ја во помала правоаголна тава, намачкана со масло и посипана со брашно. Доколку имате на располагање може да користите и силиконска тава за печење.
- Над смесата наредете ги лешниците.
- Тавата ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени за време од 30 минути.
- Печениот посен чоколаден колач оставете го да олади. Пред служење посипете го со шеќер во прав. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Чоколаден посен куглоф.