Е ваква убава пита не сте пробале! Благодарение на Катерина, сега ќе може да уживате во вкусот на убавата посна, плетена тегната пита (мазник) приготвен со фил од спанаќ, праз и суви црвени пиперки.
Сигурно ќе се сложите со нас, дека питава Катерина ептен ја погодила. Па, што ви останува? Ајде во кујната и започнете со креирање на една од највкусните пити. Сигурни сме дека ќе им се допадне на целото семејство, а и на пријателите.

Состојки:
- 600 грама брашно
- 1 лажичка сол
- 3 – 4 лажици масло
- прстофат шеќер
- по потреба топла вода (за замесување на тестото).
Фил:
- 1 страк праз
- 250 грама спанаќ
- 2 суви пиперки
- по потреба масло, сол
- масло за попрскување на корите.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете ги брашното, солта, маслото и шеќерот. Измешајте ги со лажица. Потоа постепено додавајте ја водата и замесете средно меко тесто.
- Поделете го тестото на 6 топчиња.
- Секое топче исучете го во мала кора.
- Премачкајте ги малите кори со масло и оставете ги да стојат 20 минути.
- Во меѓувреме подгответе го филот.
- Во тава на оган ставете малку масло и додајте ги сечканиот праз и сечканите суви пиперки.
- Откако празот ќе омекне додајте го спанаќот исечкан на парчиња. Посолете и пропржете уште малку, колку спанаќот да го намали волуменот и испари водата која што ја пушта.
- Работната маса покријте ја со чаршав.
- Земете една кора и со раце растегнете ја колку што можете потенко.
- Попрскајте ја кората со масло и нанесете од филот.
- Со помош на чаршавот завиткајте ја кората во ролат и оставете ја настрана.
- Повторете ја постапката и со друга кора.
- Вака приготвените 2 кори исплетете ги една со друга и завиткајте ги во вид на полжав.
- Истото направете го и со останатите 4 кори, со тоа што во плехот ќе ги нанесувате во продолжение на веќе нанесените кори во плехот.
- Целата пита попрскајте ја со масло и печете ја во загреана рерна на 200 степени додека убаво зарумени. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Мазник – традиционална тегната пита.