Сезоната на млади лозови листови само што не започнала! А сармите приготвени со лозов лист се најубави, нели? Овој пат ви претставуваме рецепт за посна сарма со лозов лист и нане, која има фантастичен вкус.
Идејата ни доаѓа од кујната на Катерина, на која и се заблагодаруваме за споделениот рецепт. Досега сме правеле мрсни сарми со лозов лист, па време е да пробаме нешто ново и вкусно.

Состојки:
- 30-тина лозови листови
- 1 главица кромид
- 1 чаша (од 200мл) ориз
- 1 филџан (од180мл) соја трошки
- 4-5 лажици мелени ореви
- 1 полна рака листови од свежо нане
- 1 лажица црвен пипер
- по потреба мешан сув зачин и црн пипер.
Подготовка:
- Лозовите листови ставете ги во тенџере со вода да зовријат, а потоа извадете ги од водата, исцедете ги и оставете ги кратко да се изладат.
- Кромидот ситно исечкајте го.
- Трошките од соја потопете ги во врела вода. Оставете ги за време од 10 до 15 минути, во зависност од упатството наведено на пакувањето. Потоа убаво исцедете ги.
- Нането исечкајте го.
- Во меѓувреме во тава на оган ставете масло и запржете го сечканиот кромид.
- Откако кромидот ќе омекне, во тавата ставете го оризот и соините трошки.
- Додајте го сечканото нане и зачинете со мешан сув зачин и црн пипер. Смесата со оризот пропржете ја.
- Потоа, додајте ги мелените ореви и убаво измешајте.
- Од вака приготвената смеса ставајте на секој лист и замотајте сарми.
- Наредете ги сармите во тенџере. Одозгора наредете неколку цели листови и налејте топла вода колку да ги покрие.
- Одозгора ставете чинија превртена со долниот дел нагоре.
- Затворете со капак и варете на тивок оган.
- По желба откако ќе биде сварена сармата може да си ја запржите со малку масло и црвен пипер.
- Мене искрено поубава ми е вака без запршка, секако тоа е прашање на вкус. Инаку посебноста на оваа посна сарма со лозов лист ја дава нането. Пробајте!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Посна сарма од лозов лист со грав и маслинки.