Мали, симпатични и вкусни колачиња со богата арома на кокос и ванила! Посни и совршени за секоја празнична трпеза, за слави, имендени и деновите кога сакате да се засладите со домашни колачиња. Пробајте ги посните бомбици со кокос и пудинг.
Подготовката на бомбиците е едноставна и секој би можел да ги направи, без разлика на кулинарските вештини кои ги поседува. А во приготвувањето, најмногу би уживале децата. Па, поканете ги на сладок предизвик. Поминете убави моменти во кујната и уживајте со најблиските!

Состојки:
- 1 ќесичка пудинг од ванила
- 250 мл вода
- 3 лажици шеќер
- 125 грама маргарин (на собна температура)
- 125 грама шеќер во прав
- 250 грама кокос
- 100 грама лешници или ореви.
За декорација:
- 100 грама кокос.
Подготовка:
- Во тенџере на оган ставете ја водата да се вари.
- Прашокот за пудинг и шеќерот ставете ги во длабока чинија и измешајте ги. Во чинијата додадете малку вода (50 мл) и измешајте ги состојките за да се добие хомогена смеса.
- Штом водата ќе зоврие, во тенџерето додадете ја разматената смеса за пудинг. Пудингот варете го околу 2 до 3 минути, со постојано мешање, додека смесата се згусти. Варениот пудинг, тргнете го од оган и оставете го да се излади.
- Маргаринот исечете го на коцки и ставете го сад за матење. Во садот додајте го шеќерот во прав. Изматете со миксер додека добиете хомогена смеса.
- Во садот со изладениот пудинг додајте ја смесата со маргаринот. Изматете повторно со миксер. Во садот додајте го кокосот. Со помош на рацете соединете ја смесата.
- Од смесата формирајте мало топче, потоа притиснете го со прстите и во средината ставете лешник. Повторно формирајте бомбица и извалајте ја во кокосово брашно. Постапка повторете ја додека смесата се потроши.
- Припремените посни бомбици со кокос и пудинг сервирајте ги во хартиени корпички, а може да ги чувајте во фрижидер или да ги замрзнете.
Ви препорачуваме да прочитате: Посни Сникерс бомбици.