Посни солени бисквити со маслинки и зачини

Посни солени бисквити со маслинки и зачини

Супер рецепт за сите оние кои обожаваат да грицкаат нешто додека гледаат телевизија или пак во комбинација со пиво. Убавото кај овој рецепт е тоа што овие посни солени бисквити многу лесно и брзо се прават, а уште побрзо се јадат. Одлични се за мезење со добро друштво, а нас нѐ фасцинира тоа што може да се комбинираат со разни намази и да се прават во повеќе вкусови.

Па што чекате? Направете ги овие посни солени бисквити и поканете го вашето друштво на филмска вечер или на гледање спортски натпревар. Едноставно препуштете му се на уживањето. Можете да ги направите и спакувате во корпа за пикник, па да ги искористите за убав пролетен излет во природа, а за во дождливите денови за гледање филм со пријателите. И што е најважно, рецептот ни доаѓа од кујната на Лана.

посни солени бисквити

Состојки:

  • 15 г свеж квасец
  • 150-175 мл вода
  • прстофат сол
  • 200 г брашно
  • 150 г пченичен гриз
  • 4 лажици маслиново масло
  • маслинки, оригано, сусам по желба

Подготовка:

  1. Во длабок сад измешајте ги брашното, пченичниот гриз и солта (по желба можете да додадете и малку оригано или некоја друга зачинска билка по ваш вкус).
  2. Во садот додајте ги водата, маслиновото масло и сувиот квасец и замесете тесто.
  3. Вака подготвеното тесто поделете го на два дела, од кои едниот ќе го ставите во фрижидер, а другиот ќе го развлечете во тенка кора со помош на сукало.
  4. Од развлеченото тесто со помош на калап во форма на круг, исечете бисквити. Парчињата наредете ги на плех обложен со мрсна хартија за печење, без притоа да оставате простор помеѓу нив.
  5. Откако ќе го наредите целиот плех, секоја бисквита боцнете ја на три места со виљушка.
  6. Вака подготвените бисквити ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени, додека додека заруменат.
  7. Повторете ја целата постапка и со тестото кое претходно го ставивте во фрижидер.
  8. По ваша желба, во тестото може да додавате и маслинки, зачини или пред печење да ги поросите со сусам и семки од сончоглед. Изборот е ваш, а бисквитите ќе бидат превкусни без разлика за која комбинација и да се одлучите.
  9. Може да ги послужите во комбинација со разни намази по ваша желба, како што се ајвар, хумус или намаз од сирење. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Мини срциња – солени грицки со сирење.

Сподели: