На нашата страница може да се најдат голем број на рецепти за посни ќофтиња. Кои од кои поубави и повкусни! А сега листата е збогатена со нов рецепт за посни ќофтиња со компири и цвекло.
Овие убави ќофтиња ги приготви Диана, а таа вели дека највкусни се додека се топли и послужени со сенф. А најдобро од сѐ е тоа што се прават со многу едноставни состојки.

Состојки:
- 1 главица цвекло
- 2 компири поголеми
- 1 мала лажичка густин (скроб, нишесте)
- 1 лажица лебни трошки
- сол, црн пипер, индиско орвече, мелен ким, коријандер за зачинување
- 1 супена лажичка сечкан свеж магдонос
- 1 страк млад кромид или 1 мала главица кромид
- лебни трошки по потреба за похување
- масло за пржење на ќофтињата.
Подготовка:
- Цвеклото се става во тенџере со вода да се вари. Во друго тенџере со вода се ставаат компирите да се варат.
- Варените компири и цвекло се оставаат да се изладат. Потоа се лупат и рендаат на крупната страна на рендето.
- Ренданото цвекло и компири се ставаат во длабок сад и се додаваат зачините по вкус, ситно сечканиот кромид, лебните трошки и густинот. Сместа се меша со лажица и се остава да се излади целосно за време од 20 до 30 минути.
- Од смесата се формираат ќофтиња кои се валкаат во лебни трошки. Вака приготвените ќофтиња се пржат во нелеплива тава со поголема количина на врело масло од двете страни.
- Пржените ќофтиња се вадат врз кујнска салфетка за да се впие вишокот на масло. Готовите посни ќофтиња со компири и цвекло послужете ги додека се топли со сенф. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Посни ќофтиња од компири и ориз.