За нас сезоната на празници претставува топол дом, украсување, семејство и трпеза со вкусна домашна храна. Затоа, празничните рецепти особено нѐ радуваат, а најмногу оние кои се во духот на Божиќните празници и кои сами по себе се декоративни. Па така, со големо воодушевување го споделуваме рецептот за празничниот чоколаден ролат – Божиќна гранка, кој изгледа многу декоративно, а се прави прилично лесно и едноставно.
Интересно е тоа што предлагаме два рецепти за чоколаден фил. Ако немате големо искуство во кујната направете го филот со шлаг крем од чоколадо. За кој фил и да се одлучите, гарантираме вкусна комбинација на чоколадо и портокал преточени во прекрасен празничен ролат. Нешто што вреди да се проба овие празници!

Состојки:
- 6 јајцa
- 80 г шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер од Витаминка
- рендана кора од ½ портокал
- 50 г брашно
- 60 г Синтагма какао крем за торти (чоколадо за готвење)
- ½ лажичка прашок за печиво од Витаминка
- 30 г густин (нишесте).
За чоколаден крем:
- 320 г Синтагма какао крем за торти
- 300 мл слатка павлака
- рендана кора од ½ портокал
- сок од 1 портокал.
или
- 3 ќесички шлаг крем од чоколадо од Витаминка
- 350-400 мл ладно млеко
- рендана кора од ½ портокал.
За декорација:
- бобинкасто овошје, листови или црвени бонбони.
Подготовка:
- Започнете со подготовка на кремот. Иситнете го чоколадото на коцки и ставете го во поголем сад.
- Во помал сад загрејте ја слатката павлака, но не оставајте ја да зоврие. Садот со топлата слатка павлака тргнете го од огнот и додајте ги ренданата кора и сокот од портокал.
- Топлата павлака додајте ја во садот со иситнетото чоколадо и добро измешајте. Потребно е чоколадото да се растопи и да се добие хомогена смеса. Кремот оставете го да се излади.
- Доколку немате големо кулинарско искуство, ви препорачуваме да направите фил од шлаг крем од чоколадо. Едноставно шлаг кремот изматете го со млекото, а потоа додајте ја кората од портокал.
- Во меѓувреме подгответе го тестото за ролатот. Белките одделете ги од жолчките.
- Во сад на пареа растопете 60 г чоколадо и малку изладете го.
- Жолчките заедно со шеќерот и ванилиниот шеќер изматете ги со миксер. После 5-10 минути матење додајте ја ренданата кора од ½ портокал. Постепено додавајте го растопеното чоколадо и продолжете со матење додека се добие хомогена смеса.
- Брашното просејте го и измешајте го со прашокот за печиво и густинот. Во смесата со жолчки додајте го брашното.
- Белките изматете ги во цврст шлаг со помош на миксер.
- Шлагот од белки додајте го во жолчките и внимателно измешајте ја смесата со помош на жица за матење.
- Смесата за пандишпан префрлете ја во плех (големина 30*40 см) кој претходно сте го обложиле со хартија за печење.
- Печете во загреана рерна на 180 степени околу 10 минути.
- Врз чиста кујнска крпа (со која ќе го виткате ролатот) посипете шеќер. Шеќерот се става за да не се залепи ролатот за крпата.
- Печениот пандишпан внимателно извадете го од плехот, а потоа отстранете ја хартијата и ставете го врз кујнската крпа.
- Со помош на крпата завиткајте го топлиот пандишпан во ролат. Оваа постапка е многу важна за да може ролатот лесно да се витка и по филувањето. Свитканиот пандишпан оставете го да се излади.
- Чоколадниот крем со слатката павлака добро изматете го со миксер додека добиете шлаг.
- Одмотајте го пандишпанот од крпата и премачкајте го со половина од добиениот чоколаден шлаг. Потоа, повторно завиткајте го во ролат.
- Со помош на нож, ролатот пресечете го на два дела. Треба да добиете една основна гранка, со едно помало гранче. Ролатот премачкајте го со преостанатиот чоколаден шлаг. Со помош на виљушка поминете врз шлагот за визуелно да доловите изглед на кора од дрво.
- Декорирајте со ливчиња и бонбони по желба. Уживајте во светот на вкусовите!
Ви препорачуваме да прочитате: Божиќни колачиња со ванила.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран рецепт.