Секоја трпеза за Божиќ ја красат убави и вкусни јадења, кои домаќинките ги приготвуваат со голема љубов. Еден рецепт кој традиционално се приготвува во Македонија за Божиќ е пивтија – пача од свински нозе. Карактеристично е тоа што, пивтијата се вари на 5 јануари, а се јаде на Божиќ.
Овој рецепт за пивтија ни го испрати Дијана, за кој вели: „Чинам како еден белег е тоа, кој се пренесува од стари колена, на сите генерации по нив. Веднаш ќе ви откријам, мајсторијата е само до варењето и тоа во времетраењето, кое како што велиме цел ден, обавезно 7-8 часа. Важно кај пифтијата од свински ноџиња е тоа што вода не се притура во варењето, во спротивно нема да се фати. А, како некој сооднос на состојките по кој се водам е следниов, на 1 кг зајре (месо и ноџиња) одат 2,5 литри вода. Пивтија варам и од свинска глава, во неа можи да се дотура вода. Во пивтијата можи да се додади и телешка удина по желба“.

Состојки:
- 600 г свински ноџиња
- 1 кг чиста свинска удина
- 1 кг свинска коленица
- сол по вкус
- 1 главица лук со средна големина
- 6,5 литри вода.
Подготовка:
- Свинските нозе убаво исчистете ги, измијте ги и ставете ги во длабок сад со солена вода преку ноќ.
- Наредното утро, убаво измијте ги и ставете ги во големо тенџере со водата да се варат. Доколку не се киснат во солената вода, штом еднаш зовријат, веднаш фрлете ја таа вода.
- Откако ќе зовријат се додава сол, тенџерето се покрива со капак и се продолжува да се вари на умерен оган. Најпрво тенџерето треба да биде полу покриено за да не претечи течноста, а потоа, кога содржината на вода ќе се намали, целосно се покрива тенџерето.
- Свинската удина се сече на коцки и се става во тенџере на оган да се вари. Штом кратко ќе зоврие, се вади од тенџерето и се мие од пената.
- По еден час варење, во тенџерето се додава телешка удина по желба, а по 2 часа од варењето се додава свинската удина.
- Пивтијата се вари додека течноста се преполови во тенџерето за време од околу 7 до 8 часа.
- Кога е готова пифтијата, се трга од оган, се додава лукот истолчен со малку сол и убаво се меша. Месото се распоредува во садовите (без ковчиња, тие веќе се испаднати во тенџерето) и преку цедалка се сипува од течноста. Се остава на ладно да се здрви, најдобро е преку ноќ. На здравје!
Рецептот го испратил: Дијана Талевски.