Превкусното слатко од грозје е едно од нашите омилени! Ни буди убави спомени, но вкусот е фантастичен, па топло ви препорачуваме да го пробате.
Она што треба да знаете пред да направите слатко од грозје е изборот на сортата. Од секое грозје не се прави слатко, макар што имаме правено и со бело и црвено грозје, но сепак за да добиете најдобар резултат изберете грозје од сортата султанија. Оваа сорта се одликува со мали зрна кои имаат нежна кора. Изберете полузрело грозје и започнете со подготовка.
Состојки:
- 1 кг грозје
- 1 до 1.250 кг шеќер
- 1 чаша вода
- 1 лимон.
Подготовка:
- Грозјето добро измијте го и отстранете ги зрната, едно по едно.
- Во тенџере ставете ги шеќерот и водата. Ставете ги на оган да се варат.
- Лимонот измијте го, излупете го и исечете го на кругови.
- Штом добиете густ сируп како за слатко, додајте ги грозјето и лимонот. Повремено отстранувајте ја пената која се создава за време на варењето.
- Продолжете да варите додека слаткото се згусти, така што кога ќе подигнете од сирупот со лажица, паѓаат крупни капки.
- Тогаш, тргнете го тенџерето од огнот и отстранете ја пената.
- Тенџерето покријте го со чиста и влажна кујнска крпа.
- Оставете го да стои за време од 12 часа.
- Потоа, слаткото соберете го во чисти и суви тегли. Теглите затворете ги со капак или целофан и наредете ги со другата зимница. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Стар рецепт за слатко од кора од лубеница.