солени мафини

Солени мафини со грашок, кашкавал и шунка

Ако ви се најавиле блиски пријатели, а сакате да ги изненадите со нешто вкусно, но немате многу време ви предлагаме да го пробате рецептот за солени мафини.

Брзо, лесно и едноставно се подготвуваат овие солени мафини со грашок, кашкавал и шунка, а сигурни сме дека ќе им допаднат на целото друштво. И благодариме на Невена за одличниот рецепт, а на нас ни останува да ги пробаме солените мафини кои одлично изгледаат.

солени мафини

Состојки:

  • 100 гр брашно
  • 100 мл млеко
  • 50 мл масло
  • 50 гр кашкавал
  • 50 гр грашок
  • 2 лажици магдонос
  • 100 гр шунка
  • 2 јајца
  • 1 лажиче прашок за печиво
  • 1/2 лажиче сода бикарбона.

Подготовка:

  1. Кашкавалот изрендајте го на крупната страна на рендето. Шунката исечкајте ја на мали коцки. Магдоносот ситно исечкајте го.
  2. Во сад за матење ставете ги јајцата, млекото и маслото. Јајцата убаво изматете ги со жица за матење за да се добие хомогена смеса.
  3. Во садот со јајца додајте ги брашното, претходно измешано со прашокот за печиво и сода бикарбона. Убаво измешајте ја смесата.
  4. Потоа, во садот додајте ги ренданиот кашкавал, грашокот, магдоносот и шунката. Добро измешајте за да се соединат состојките.
  5. Калапот за мафини обложете го со хартиени кошнички. Од смесата со помош на лажица, наполнете ги калапите за мафини.
  6. Мафините печете ги во загреена рерна на 180 степени за време од 20-25 минути. Потоа извадете ги од рерната и оставете ги да се изладат.
  7. Ладните солени мафини со грашок, шунка и кашкавал послужете ги со кисела павлака.

Сподели: