Солени стапчиња со сусам и ким (хроно)

Убаво е кога испробуваш различни јадења и правиш рецепти кои се јадат при одредени диетални режими. А бидејќи храната е наша љубов, постојано истражуваме и експериментираме со различни рецепти, а оние најдобрите ги споделуваме со сите вас. Хроно исхраната е многу актуелна во последно време, па решивме да ја проучиме подетално. Така се роди идејата за овие солени стапчиња со сусам, кои се прават со јачменово и ржано брашно.

Можеби дел од оние кои се подетално запознаени со овој режим на исхрана ќе ни дадат забелешки, а ние секогаш сме расположени да слушнеме од поискусните. Најважно е што се здрави, па се добредојдени грицки за секого.

солени стапчиња хроно

Состојки:

  • 1 чаша интегрално јачменово брашно
  • 2 чаши интегрално ржано брашно
  • 1/3 чаша ладно цедено сончогледово масло
  • 3 лажици мелен обезмастен интегрален сусам
  • 50 грама сусам
  • 1 ќесичка ким
  • буковска пипер по вкус
  • 1 лажица сода бикарбона
  • млака вода по потреба
  • 50 грама сусам за декорација.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење се ставаат јачменовото брашно, ржаното брашно, мелениот сусам и содата бикарбона. Се мешаат со лажица за да се добие хомогена смеса.
  2. Во садот се додава ладно цеденото сончогледово масло, кимот, сусамот и буковската пипер. Повторно се меша и се додава млака вода. Се замесува меко тесто. Тестото се остава да одмори за време од 20 минути.
  3. Врз работната маса се посипува со сусам. Се става тестото и се расукува кора со дебелина од 5 до 6 мм. Кората се врти од другата страна. Потоа, со помош на алатка за сечење на пица или нож се сечат стапчиња со должина од околу 10 см.
  4. Стапчињата се редат во тава обложена со хартија за печење. Се печат на температура од 200 степени за време од 20 до 30 минути, во зависност од тоа колку крцкави стапчиња сакате да добиете.
  5. Печените стапчиња се вадат од рерната и се оставаат да се изладат. Може да ги послужите топли или ладни со млечен сос по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Хроно леб со спанаќ, сирење и семиња.

Сподели: