Штом се спомени лето, тоа нѐ асоцира на морска храна, прошетки покрај вода, одмори… А кога станува збор за рецепти со морски плодови, би рекле дека Невена е вистински експерт. Во нејзината кујна многу често се готват морските плодови, многу пати со ориз, а најмногу со тестенини. Па, предлогов за тестенини со лигњи и грашок ни доаѓа од неа.
Сликата ни кажува сѐ! Вака приготвените тестенини со лигњи, нема да ги најдете ниту во еден ресторан. Затоа, набавете си лигњи и почувствувајте ја морска магија во својот дом, по испробан рецепт.

Состојки:
- 320 г тестенини (лингвини, шпагети или макарони)
- 500 г лигњи
- 200 г замрзнат грашок
- 1 голем домат
- ¼ главица кромид
- 3 големи чешниња лук
- 3-4 лажици сечкан магдонос
- 6-7 лажици маслиново масло
- 150 мл бело вино
- по вкус сол, црн пипер и мешан сув зачин
- 250 мл вода.
Подготовка:
- Лигњите се сечат на крукчиња.
- Кромидот и лукот ситно се сечкаат и се ставаат во тава со маслиновото масло малку да се пропржат колку да пуштат мирис. Потоа се додаваат лигњите и се пржат неколку минути. Потоа се додава виното, водата, зачините по вкус и се оставаат да крчкаат додека половина од течноста испари.
- Во меѓувреме се става вода со сол да зоврие и потоа се додаваат тестенините да се варат, по времето означено на пакувањето.
- Кога половина од течноста од лигњите е испарена, се додава грашокот, доматот исечкан на коцки и магдоносот. Се мешаат и се оставаат да варат додека течноста испари, но не премногу да се исушат.
- Во садот со лигњите се додаваат сварените тестенини и се мешаат. Во чинии се ставаат топлите тестенини со лигљи и се служат веднаш. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Домашен доматен сос за тестенини и њоки.