Чоколадо, обланда и кикирики, споени во неодолива комбинација! Благодарение на Катерина, во нашата архива имаме нов рецепт за торта со обланди и кикирики.
Кремастиот чоколаден фил, дополнет со крцкавите кикирики, ќе го освојат сечиј вкус. Затоа, вреди да одвоите малку време и да ја пробате оваа супер брза торта без печење.

Состојки:
- 3 ½ листови обланда
- 150 г чоколадо за готвење (50% какао)
- 200 мл слатка павлака
- 3 жолчки
- 150 г шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 200 г путер
- 150 г печени несолени кикирики.
За чоколаден прелив:
- 100 г чоколадо за готвење
- 2 лажици масло.
Подготовка:
- Во тенџере ставете го чоколадото исечкано на помали парчиња и слатката павлака.
- Ставете го тенџерето на оган и мешајте додека чоколадото се растопи.
- Во растопеното чоколадо, додајте ги жолчките, шеќерот и ванилата. Откако филот ќе се загрее до зовривање, тргнете го тенџерето од огнот и оставете да се излади.
- Путерот ставете го во сад за матење. Пенесто изматете го со миксер.
- Во садот со путерот постепено додавајте од изладениот фил. Миксирајте додека се добие хомогена смеса.
- Во филот додајте ги ситно сечканите кикирики и измешајте со шпатула.
- Листовите обланда исечете ги на половина по должината.
- На подлога за торта ставете лист обланда, премачкајте со филот. Одозгора ставете друг лист обланда и пак премачкајте. Повторете ја постапката додека се потроши филот.
- Чоколадото и маслото ставете ги во сад на пареа. Мешајте со лажица додека чоколадото се растопи.
- На крај, последниот лист обланда прелејте го со растопеното чоколадо. Оставете да отстои на ладно (не во фрижидер), за да се стегне филот. Изладената торта со обланди исечете ја на парчиња и послужете. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Посна обланда со чоколадо и бисквити.