Панакота е класичен италијански десерт кој е популарен ширум светот. Има богат вкус и нежна структура, а за да го направите потребни ви се само 15-ина минути. Најчесто може да се најде со ванила вкус, послужена со овошје, а сега имате можност да пробате чоколадна панакота приготвена со слатка павлака и млечно чоколадо, по супер рецепт од кујната на Невена.
Единствената „лоша“ стана на овој популарен десерт е што морате да почекате неколку часа, за да се згусне и да го добие примамливиот изглед и свилената текстура. А за добиете совршена панакота, на крајот од текстот, следете ги дополнителните совети кои ги препорачува Невена.

Состојки:
- 300 мл слатка павлака
- 200 мл млеко
- 300 гр млечно чоколадо
- 2 лажици шеќер во прав
- 2 лажици какао
- 4 листови желатин.
За декорација:
- по потреба овошје – малини, банана, боровинки, праски, кајсии.
Подготовка:
- Листовите желатин ставете ги во ладна вода да омекнат 10-на минути.
- Во тенџере на оган, на умерена температура ставете ги слатката павлака и млекото да се загреат, скоро да зовријат. Исклучете го огнот и тргнете го тенџерето на страна. Додајте го чоколадото искршено на коцки, какаото просеано низ цедилка и шеќерот во прав. Убаво мешајте со жица додека чоколадото се истопи и целата смеса се изедначи.
- Во тенџерето додајте го желатинот исцеден од водата и промешајте го да се стопи во чоколадната смеса.
- Чоколадната смеса истурете ја силиконски калапи или во други модли кои ги имате. Околу 1 час оставете ги на собна температура да ладат, а потоа ставете ги убаво да оладат и стегнат во фрижидер најмалку 5 часа.
- По изминатото време извадете ги од калапите и превртени ставете ги во мали чинии. Извадете ја стегнатата чоколадна панакота и одозгора декорирајте ја со свежо овошје. На здравје!
- Совет плус: За полесно да ги извадите од калапите најпрво нежно со нож поминете странично по пана котата. Калапите ставете го во жешка вода за време од 10 до 15 секунди. Превртете ги сите на плех притоа нежно и внимателно одлепувајте ги од калапот. Потоа со плоската, рамна лажица така превртени ставајте ги во чинии за сервирање. Од оваа смеса ми излегоа 6 панакоти од овие форми и ½ чинија за кикирики.
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Чоколаден мус без јајца.