Чоколадо и јагода! Омилена комбинација за сечиј вкус. А кој може да одолее на чоколадни мафини со џем од јагода? – Вкусни, сочни, омилени на сите! Кога еднаш ќе го пробате овој рецепт за мафини, ќе ги правите постојано.
Направете ги и подарете ги со љубов! Засладувајте се и славете ги убавите мигови со саканите. Секој ден нека биде ваш празник на љубовта и семејството. Убавото кај овој рецепт е тоа што може да додавате состојки по свој вкус. Па така, по желба може да додадете лешници, ореви, бадеми, суво овошје или боровинки.

Состојки:
- 1¾ чаши брашно
- 2 лажички прашок за печиво
- ½ лажичка сода бикарбона
- 3 лажички какао
- ¾ чаша шеќер
- ¾ чаша чоколадни капки
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 1 чаша млеко
- 1/3 чаша масло
- 1 големо јајце (кратко изматено со миксер)
- 12 лажици џем од јагода.
За декорација:
- 1 ќесичка шлаг пена
- 125 мл млеко
- шеќерни украси по избор.
Подготовка:
- Калапот премачкајте го со путер или пак обложете го со хартиени корпи за мафини.
- Во длабок сад ставете ги сувите состојки – брашното, шеќерот, прашокот за печиво, содата бикарбона, какаото, ванилиниот шеќер и чоколадните капки. Измешајте ги за да се добие хомогена смеса.
- Во друг сад ставете ги течните состојки – млекото, маслото и изматеното јајце. Изматете ги со жица за матење.
- Потоа, течните состојки додајте ги во садот со сувите состојки и добро измешајте додека се изедначи смесата.
- Готовата смеса за мафини расподелете ја во калапот. Од оваа смеса ќе добиете 12 мафини.
- Мафините печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени за време од 18 до 20 минути.
- Печените мафини оставете ги да се изладат. Потоа секој мафин вдлабнете го со нож или лажица и во средината ставете по 1 лажица џем од јагоди.
- Во сад за матење ставете ја шлаг пената и додајте млеко. Изматете со миксер за време од 3 до 5 минути додека добиете цврст шлаг. Со помош на готварски шприц декорирајте ги мафините. На крај ставете шеќерни украси по желба. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Домашни кроасани со мармалад.