Болоњезе е познат италијански сос, кој се приготвува од мелено месо, а потекнува од Болоња, Италија. Традиционално овој сос се служи со таглиатели, но може да се послужи и со останатите тестенини како шпагети и макарони.
Карактеристично е тоа што болоњезе сосот се припрема со кромид, целер, морков, мелено или ситно сечкано телешко месо со мал додаток на свинско месо, црвено вино и мала количина на доматно пире или домати.
Состојки:
- 2 лажици маслиново масло
- 6 ленти чадена ситно сечкана сланина
- 2 главици ситно сечкан кромид
- 3 чешниња сечкан лук
- 2 ситно сечкани моркови
- 1 сечкано стапче целер
- 1 кг мелено телешко месо
- 2 чаши црвено вино
- 800 грама варени сечкани домати
- 2 свежи или суви лаворови листови
- сол и свежо мелен црн пипер
- 800 грама шпагети или тестенини по избор
- свежо рендан пармезан за сервирање.
Подготовка:
- Во нелеплива тава на оган, на средна температура ставете го маслиновото масло да се загрее. Потоа додајте ја ситно сечканата сланина и пропржете ја додека добие златеста боја.
- Во тавата додајте ги ситно сечканиот кромид, лук, моркови и пржете ги додека омекнат. Потоа, додајте го меленото месо, зголемете ја температурата и пржете го месото додека добие кафеава боја.
- Во тавата налејте го црвеното вино и варете додека волуменот на сосот се намали за една третина. Намалете ја температурата и додајте ги доматите, целерот и лаворовите листови. Посолете по вкус и зачинете со мелен црн пипер, а потоа тавата покријте ја со капак, повремено мешајте и оставете го сосот да се динста на тивок оган за време од 1 до 1 ½ час, додека се згусни.
- Во сад со зовриена вода, ставете ги шпагетите и сварете ги. Техниката за најдобро варење на шпагети прочитајте ја тука.
- Варените шпагети, исцедете ги и ставете ги во чинии за сервирање. Врз шпагетите ставете пармезан и додајте од болоњезе сосот. На крај, ставете повторно пармезан и зачинете со црн пипер.
- Добар апетит!