Тиквите се уште ги има во изобилство на нашите пазари, па ајде да ги искористиме и да си направиме џем од тиква и кокос. Ова е навистина една многу вкусна комбинација, која гарантираме никого нема да го остави рамнодушен.
Совршен е за поткаснување на утро за време на постите, како здрава замена на купечките џемови и мармалади кои се полни со шеќери. Направете го и уживајте со вашите најблиски во богатиот вкус на тиквата во комбинација со кокос.

Состојки:
- 500 грама тиква (најдобро е да користите тикви од сортата Хокаидо)
- 250 мл кокосово млеко
- 180 грама кафеав шеќер
- сок од ½ лимон
- кора од 1 лимон
- 3 лажици кокос.
Подготовка:
- Лимонот темелно измијте го и оставете го неколку часа да стои во вода во која сте раствориле 1 лажичка сода бикарбона.
- Потоа, лимонот изрендајте го на ситната страна од рендето.
- Тиквите измијте ги, исчистете ги од семките и лушпите. Потоа исечете ги на мали коцки.
- Коцките тиква ставете ги во тенџере на оган. Додајте го кокосовото млеко и варете ги околу 10 – 15 минути со повремено мешање.
- Откако тиквата ќе омекне, со помош на рачен блендер испасирајте го џемот додека добиете хомогена смеса.
- Во џемот додајте ги шеќерот, кокосот, кората и сокот од лимон и добро измешајте.
- Жешкиот џем ставете го во чисти тегли и добро затворете ги. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: 5 интересни начини за приготвување на тиква.