Испробан рецепт за домашни питулици

Испробан рецепт за домашни посни питулици

Во секој македонски дом има обичај повремено, а посебно за време на празниците да се подготвуваат посни питулици кои се тенки скоро колку лист хартија, со неутрален кон слабо солен вкус и без многу дополнителни состојки од основата која е неопходна за нивна подготовка.

Бидејќи искусните домаќинки знаат и споделија со нас, ви ја пренесуваме нивната препорака, за подготовка на кашата за питулиците барем неколку часа пред да ги правите или уште подобро да ја оставите да престои во текот на ноќта, бидејќи така добива убава компактност, станува мазна и без грутчиња. Токму тие, искусните домаќинки кои никогаш не ги мерат количините на состојките, ни објаснија која е универзалната формула за успех при правењето на ваквите питулици. Дозата ја прилагодува секој според своите потреби, односно бројот на питулици кој сака да го направи. Пробајте и вие, воопшто не е тешко, само треба малку труд за да се совлада техниката. Зависно од големината на тавчето во кое ќе ги подготвувате, од предложената доза ќе добиете околу 30-35 питулици.

домашни посни питулици

Состојки:

  • 1 литар вода
  • 1 лажица сол
  • 800-900 гр брашно.

Подготовка:

  1. Во поголем сад ставете ја водата и додајте ја солта. Убаво измешајте за солта да се стопи.
  2. Додавајте од брашното и притоа мешајте ја смесата убаво, со цел да има што помалку грутчиња.
  3. Откако ќе ги измешате сите состојки, проверете дали течноста е со потребната густина, а тоа ќе го знаете најлесно така што ќе ја споредите со течен јогурт. Во случај смесата да е погуста или поретка од посакуваното, слободно додадете дополнително вода или брашно, зависно од тоа што недостига.
  4. На оган, на висока температура ставете нелепливо тавче за палачинки да се загрее. Загреаното тавче премачкајте го со малку масло и ставете од смесата за питулици. Разнесете ја врз тавата и оставете да се пече за време од 1 до две минути. Потоа, питулицата свретете ја од другата страна. Печете уште минута до две. Постапката повторете ја додека ја потрошите цела смеса. Печените посни питулици послужете ги топли или ладни.

На здравје!

Сподели: