печени-пирошки

Печени пирошки со пица фил

Вкусните печени пирошки се задолжително месено задоволство на речиси секоја свечена трпеза за роденден, именден, слава или други свечени прилики.

Рецептот за печени пирошки го испрати Снежана, а ние и благодариме и го споделуваме со вас. Овие печени пирошки по вкусот потсетуваат на пица, па сигурни сме дека ќе ви се допаднат. По желба, во филот може да додадете печурки, сирење или босилек. Направете ги и изненадете ги најблиските со домашен топол специјалитет.

печени пирошки

Состојки:

  • 500 гр брашно
  • млака вода по потреба
  • 1 коцка свеж квасец
  • 1 лажица шеќер
  • 1 лажица брашно
  • 100 мл масло
  • 1 јајце
  • 1 мала лажичка сол
  • сусам по потреба.

За фил:

  • кечап или доматен сос по потреба
  • 200 гр шунка
  • 100 гр кашкавал
  • оригано по вкус.

Приготвување:

  1. Во сад за месење се става квасецот и се додаваат 50 мл млака вода, шеќерот и 1 лажица брашно. Состојките убаво се мешаат и се остава квасецот да нарасне за време од 10 до 15 минути.
  2. Во меѓувреме се подготвува филот. Шунката и кашкавалот се сечкаат на ситни коцки. Потоа се ставаат во длабока чинија и се додаваат кечапот и ориганото. Смесата за фил се меша за да се добие хомогена смеса.
  3. Во садот со квасец се додаваат преостанатото брашно, маслото и млака вода по потреба, за да се замеси средно меко тесто. Тестото се меси за време од 5 до 10 минути за убаво да се изедначат состојките.
  4. Врз работната маса се наросува брашно и со помош на сукало, се сучи поголема кора. Со калапи за пирошки или поширока чаша се сечат кругови.
  5. Круговите тесто се ставаат во калапот, а во средината се става по една полна мала лажичка од филот.
  6. Пирошките убаво се затвораат, а доколку немате калап за пирошки, може да ги затворите со помош на виљушка. Формираните пирошки се редат во намрсен плех за печење.
  7. Во чинија се става јајцето и се мати со виљушка. На крајот, пирошките од горната страна се премачкуваат со јајце и им се наросува оригано или сусам. Се печат во загреена рерна на температура од 250 степени за време од 15 до 20 минути, додека убаво заруменат.
  8. Печените пирошки се оставаат кратко време да се изладат, а потоа се служат. Пријатен апетит!

Рецептот го испратил: Снежана Андоновска

Сподели: