pita zelnik so spanak i sirenje 1

Пита зелник со спанаќ и сирење

Речиси и да нема човек кој не обожава зелник со спанаќ и сирење. Тој вкус нѐ враќа во детството и нѐ потсетува на едно време кога нашите баби ни го правеа ова вкусно јадење. Сега благодарение на Лана имаме еден супер рецепт за пита зелник со спанаќ и сирење во полесна варијанта, па секој многу лесно ќе може да си го направи ова совршено задоволство.

Оваа пита многу потсетува на бурек, но корите се многу пофини и лиснати, а богатиот фил од јогурт, сирење и спанаќ ја прават уште подобра. Може да се сечи на коцки, а по желба може да направите и поединечни триаголници или полжавчиња.

pita zelnik so spanak i sirenje 2

Состојки:

За кори:

  • 350 г брашно
  • 1 рамна лажичка сол
  • 2 лажици масло
  • 200 мл вода

За фил:

  • 300 г исчистен спанаќ
  • 200 г фета сирење
  • 100 мл јогурт
  • 2 јајца
  • малку сол.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење додајте ги брашното, солта, маслото и со топла вода замесете средно меко тесто.
  2. Садот со тестото покријте го со кујнска крпа и оставете го да одмори на собна температура, околу 15 минути.
  3. Потоа, тестото поделете го на 3 дела и обликувајте го во топчиња.
  4. Оставете ги топчињата да нараснат кратко време, а потоа секое топче обликувајте го во кора со кружна форма. Една кора треба да биде поголема од другите.
  5. Потоа, подгответе го филот. Спанаќот исчистете го, темелно измијте го и ситно исечкајте го.
  6. Вака подготвениот спанаќ измешајте го со сирењето и матените јајца. Додајте 1 лажичка сол и неколку лажици густ јогурт. Добро промешајте.
  7. Калапот за печење премачкајте го со масло.
  8. Врз намрсениот калап ставете ја поголемата кора, така што тестото ќе ги преминува краевите на калапот.
  9. Попрскајте ја кората со малку масло и распоредете ја со ½ од претходно подготвениот фил.
  10. Преку филот ставете ја и втората кора и повторно попрскајте ја со масло и распоредете ја со преостанатиот фил.
  11. Третата кора ставете ја најгоре врз питата. Преклопете ги краевите кои висат од првата кора и добро спојте ја со последната кора.
  12. Вака подготвената пита исечете ја на коцки со големина по ваша желба и премачкајте ја со уште малку масло.
  13. Оставете ја питата кратко да одмори, а во меѓувреме загрејте ја рерната.
  14. Печете ја на 200 степени околу 40 минути, додека добие убава кора и порумени.
  15. Питата послужете ја додека е топла со малку кисело млеко. На здравје!

Напомена: На ист начин може да направите и пита со сирење.

Ви препорачуваме да прочитате: Зелник со кисела зелка.

Сподели: