плетена тегната питаа

Посна плетена тегната пита (мазник) со спанаќ и праз

Е ваква убава пита не сте пробале! Благодарение на Катерина, сега ќе може да уживате во вкусот на убавата посна, плетена тегната пита (мазник) приготвен со фил од спанаќ, праз и суви црвени пиперки.

Сигурно ќе се сложите со нас, дека питава Катерина ептен ја погодила. Па, што ви останува? Ајде во кујната и започнете со креирање на една од највкусните пити. Сигурни сме дека ќе им се допадне на целото семејство, а и на пријателите.

плетена тегната пита

Состојки:

  • 600 грама брашно
  • 1 лажичка сол
  • 3 – 4 лажици масло
  • прстофат шеќер
  • по потреба топла вода (за замесување на тестото).

Фил:

  • 1 страк праз
  • 250 грама спанаќ
  • 2 суви пиперки
  • по потреба масло, сол
  • масло за попрскување на корите.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете ги брашното, солта, маслото и шеќерот. Измешајте ги со лажица. Потоа постепено додавајте ја водата и замесете средно меко тесто.
  2. Поделете го тестото на 6 топчиња.
  3. Секое топче исучете го во мала кора.
  4. Премачкајте ги малите кори со масло и оставете ги да стојат 20 минути.
  5. Во меѓувреме подгответе го филот.
  6. Во тава на оган ставете малку масло и додајте ги сечканиот праз и сечканите суви пиперки.
  7. Откако празот ќе омекне додајте го спанаќот исечкан на парчиња. Посолете и пропржете уште малку, колку спанаќот да го намали волуменот и испари водата која што ја пушта.
  8. Работната маса покријте ја со чаршав.
  9. Земете една кора и со раце растегнете ја колку што можете потенко.
  10. Попрскајте ја кората со масло и нанесете од филот.
  11. Со помош на чаршавот завиткајте ја кората во ролат и оставете ја настрана.
  12. Повторете ја постапката и со друга кора.
  13. Вака приготвените 2 кори исплетете ги една со друга и завиткајте ги во вид на полжав.
  14. Истото направете го и со останатите 4 кори, со тоа што во плехот ќе ги нанесувате во продолжение на веќе нанесените кори во плехот.
  15. Целата пита попрскајте ја со масло и печете ја во загреана рерна на 200 степени додека убаво зарумени. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Мазник – традиционална тегната пита.

Сподели: