посни сарми со лозов лист и нане

Посна сарма со лозов лист и нане

Сезоната на млади лозови листови само што не започнала! А сармите приготвени со лозов лист се најубави, нели? Овој пат ви претставуваме рецепт за посна сарма со лозов лист и нане, која има фантастичен вкус.

Идејата ни доаѓа од кујната на Катерина, на која и се заблагодаруваме за споделениот рецепт. Досега сме правеле мрсни сарми со лозов лист, па време е да пробаме нешто ново и вкусно.

посни сарми со лозов лист

Состојки:

  • 30-тина лозови листови
  • 1 главица кромид
  • 1 чаша (од 200мл) ориз
  • 1 филџан (од180мл) соја трошки
  • 4-5 лажици мелени ореви
  • 1 полна рака листови од свежо нане
  • 1 лажица црвен пипер
  • по потреба мешан сув зачин и црн пипер.

Подготовка:

  1. Лозовите листови ставете ги во тенџере со вода да зовријат, а потоа извадете ги од водата, исцедете ги и оставете ги кратко да се изладат.
  2. Кромидот ситно исечкајте го.
  3. Трошките од соја потопете ги во врела вода. Оставете ги за време од 10 до 15 минути, во зависност од упатството наведено на пакувањето. Потоа убаво исцедете ги.
  4. Нането исечкајте го.
  5. Во меѓувреме во тава на оган ставете масло и запржете го сечканиот кромид.
  6. Откако кромидот ќе омекне, во тавата ставете го оризот и соините трошки.
  7. Додајте го сечканото нане и зачинете со мешан сув зачин и црн пипер. Смесата со оризот пропржете ја.
  8. Потоа, додајте ги мелените ореви и убаво измешајте.
  9. Од вака приготвената смеса ставајте на секој лист и замотајте сарми.
  10. Наредете ги сармите во тенџере. Одозгора наредете неколку цели листови и налејте топла вода колку да ги покрие.
  11. Одозгора ставете чинија превртена со долниот дел нагоре.
  12. Затворете со капак и варете на тивок оган.
  13. По желба откако ќе биде сварена сармата може да си ја запржите со малку масло и црвен пипер.
  14. Мене искрено поубава ми е вака без запршка, секако тоа е прашање на вкус. Инаку посебноста на оваа посна сарма со лозов лист ја дава нането. Пробајте!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Посна сарма од лозов лист со грав и маслинки.

Сподели: