пеглани пиперки

Рецепт за пеглани пиперки

Можеме да кажеме дека Македонија е земја на пиперките. Традиционално, низ годините голем број на домаќинки припремат најразлични специјалитети и зимница. Освен вкусниот ајвар, познатата лутенка, од убавите големи црвени пиперки, познати како ками се припрема еден рецепт кој е познат како пеглани пиперки. 

Пиперките припремени на овој начин имаат киселкаст вкус и се одлични во ладните зимски денови, кога може да се послужат како салата со ручекот или како мезе со чашка ракија. Овој рецепт за пеглани пиперки го испрати нашата читателка Дајана, па затоа го споделуваме со вас. А добро е и тоа што во рецептот за пеглани пиперки не се користат конзерванси.

пеглани пиперки

Состојки:

  • 50 големи пиперки ками
  • 250 грама сол
  • 250 грама шеќер
  • 250 мл масло
  • 100 мл есенција
  • 2 китки магдонос
  • 2 главици лук.

Подготовка:

  1. Магдоносот се сечка на ситни парчиња.
  2. Главиците лук се чистат и чешнињата се сечкаат ситно.
  3. Пиперките убаво се мијат, им се отсекуваат дршките и се вадат семките, како за ајвар.
  4. Во длабока чинија се ставаат шеќерот, солта, маслото, есенцијата, исечканиот магдонос и ситно сечканиот лук. Се мешаат убаво и со мала лажичка се полнат пиперките, така што во секоја пиперка се става по една мала лажичка од припременото солило. Вака припремените пиперки се редат во поголемо тенџере. Врз пиперките се става потежок предмет и се оставаат да стојат за време од 24 часа.
  5. После тоа, пиперките се собираат во чисти стерилизирани тегли и се додава од солилото во тенџерето. Теглите убаво се затвораат со метални капаци и се чуваат на ладно и темно место.

Рецептот го испратил: Дајана Стамболиева

Сподели: