турски симит

Рецепт за турски симит

Сигурно сте слушнале за познатиот турски симит. Тоа е вкусно и крцкаво печиво, налик на добро познатиот ѓеврек. Може да го најдете во секоја турска пекара, но најслатки се оние кај уличните продавачи. Лесни се за подготовка, па ви откриваме како можете да си ги направите дома.

Турскиот симит е идеален за појадок, во комбинација со чаша јогурт или парче сирење.

турски симит

Состојки:

  • 300 мл топла вода
  • 4 гр сув квасец или 12 гр свеж квасец
  • 500 гр брашно
  • 1,5 лажичка сол.

За премачкување:

  • 100 мл меласа (во замена можи да се користи мед)
  • 50 мл вода
  • 1 лажица брашно
  • 200-300 гр кратко пропречен сусам (по желба).

Подготовка:

  1. Во длабок сад ставете ги брашното, квасецот и солта. Ако користите свеж квасец, растворете го во топла вода и малку шеќер, и оставете го да нарасне. Во садот со брашното постепено додавајте вода и замесете тесто. Тестото оставете го да нарасне 30 минути.
  2. Во меѓувреме во поголем сад ставете ги меласата, една лажица брашно и водата. А во друг сад ставете го кратко пропропечениот сусам.
  3. Тестото ставете го на набрашнета површина и поделете го на 12 еднакви делови. Од секој дел формирајте топче.
  4. Со раце, секое топче исукајте го во форма на долга лента (гризина). Тестото преклопете го на половина, така што ќе добиете два дела. Двата дела исплетете ги во плетенка и свртете ги во круг. Краевите соединете ги и притиснете ги за да добите форма на венец.
  5. Потопете ги симитите прво во меласа, а потоа во сусам и ставете ги во тава обложена со хартија за печење.
  6. Вака подготвените симити оставете ги за време од 15-30 минути.
  7. Потоа печете ги во загреана рерна на 250 степени за време од 15-20 минути, додека поруменат. Готовите симити извадете ги од рерна и послужете ги додека се топли.

Совети плус:

  • Подготвените симити можете и да ги замрзнете. По потреба да ги вадите и да ги печете. Така ќе имате топли симити кога и да посакате.
  • Доколку ги печете замрзнати, времето за печење се продолжува за 5 минути.

Ви препорачуваме да прочитате: Интегрални варени ѓевречиња.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: