чоколадна раванија

Чоколадна раванија со мармалад и слатка павлака

Приготвена во нашата кујна со голема љубов! Пробајте ја сочната чоколадна раванија со мармалад и слатката павлака. Пролетните денови нека бидат слатки, а седењето дома мотивација за учење на нови рецепти и подготовка на највкусните десерти.

Состојките кои ви се потребни најверојатно ги имате во кујната, па зошто да не го испробате и овој рецепт од кујната на Сѐ за храна?  

чоколадна раванија

Состојки:

  • 4 големи јајца
  • 8 лажици шеќер
  • 22 лажици млеко
  • 10 лажици масло
  • 16 лажици брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 2 лажици какао.

За шербет:

  • 12 лажици шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 500 мл вода.

За фил и декорација:

  • 250 – 300 г мармалад
  • 200 мл слатка павлака.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги јајцата и шеќерот. Изматете ги со миксер за време од 5 до 7 минути, додека шеќерот се растопи. 
  2. Во длабок мал сад ставете ги брашното, прашокот за печиво и какаото. Измешајте ги со лажица и пресејте ги со сито.  
  3. Во садот со изматените јајца додајте ги млекото, маслото и пресеаната смеса со брашното и какаото. Смесата измешајте ја со лажица. 
  4. Правоаголната тава (големина 40) обложете ја со хартија за печење. 
  5. Смесата ставете ја во тавата и израмнете ја. Колачот печете го во загреана рерна на температура од 180-200 степени, за време од 20 минути.
  6. Готовиот пандишпан оставете го да се излади.
  7. Водата, шеќерот и ванилиниот шеќер ставете ги во сад на оган. Штом шербетот зоврие варете уште 3-4 минути, а потоа оставете го околу 5 до 10 минути кратко да се излади.
  8. Пандишпанот потурете го со топлиот шербет. По 5 минути премачкајте го со мармалад по избор. 
  9. Слатката павлака изматете ја со миксер. Изладената чоколадна раванија премачкајте ја со слатката павлака, исечете парчиња по желба и послужете ја. Декорирајте ја со мармалад и свежо овошје по избор. На здравје! 
чоколадна раванија

Препорака од авторот:

За сите прашања околу подготовката пишете и на Марија Кочовска (Facebook или Instagram) од нашиот тим која ја направи, фотографира, пролетно нѐ мотивира и нѐ заслади со оваа прекрасна торта. За чоколадната раванија Марија вели:

„Рецептот е едноставен и може да експериментирате со мармаладот кој ќе го изберете. Доколку ја направите ќе ми биде мило да ми испратите слика, да ме тагирате на стори или едноставно објавете ја раванијата во групата на Сѐ за храна на Facebook. Најважно од сѐ, гответе со љубов и споделувајте со најблиските!“ 

чоколадна раванија со мармалад

Ви препорачуваме да прочитате: Пенасти манчмелоу коцки.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: