торта со рум и ванила

Гитара торта со рум и ванила

Гитара торта со рум и ванила е совршена за убави свечени поводи, празнувања и гости. Декоративна е и симпатична на пресек, има богат вкус со ореви во својот состав, а уникатната арома со сензации на рум и ванила ја прави вистинско вкусно задоволство!

торта со рум и ванила

Состојки:

Светол пандишпан (се прави 2 пати):

  • 2 јајца
  • 80 гр шеќер
  • 10 гр ванила
  • 60 мл масло
  • 100 гр брашно
  • 1 лажиче прашок за печиво (5 гр).

Темен пандишпан:

  • 6 белки
  • 120 гр шеќер
  • 100 гр мелени ореви
  • 2 лажици (40 гр) брашно
  • 1 лажиче прашок за печиво.

Фил:

  • 6 жолчки
  • 200 гр шеќер
  • 600 мл млеко
  • 100 гр нишесте
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 250 гр путер на собна температура
  • 200 гр чоколадо за готвење.

Прелив за корите на светлиот пандишпан:

  • 120 мл вода
  • 1 полна лажица шеќер
  • 1 екстракт од рум (2 мл).

Подготовка:

  1. Најпрво се започнува со подготовка на светлиот пандишпан. Јајцата се матат со шеќерот и ванилата додека станат кремасти.
  2. Се додава маслото, а потоа брашното и печивото, па кратко се матат со миксерот за да се соединат.
    Смесата се тура во калап/тава (големина 26), претходно намачкан со путер и набрашнет.
  3. Се пече во загреана рерна на 180 степени, околу 15-20 минути. Оваа смеса се подготвува 2 пати, бидејќи се реди како основен и горен слој.
  4. Подготовка на прелив. Водата и шеќерот се ставаат да зовријат, се трга на страна и се додава екстрактот од рум.
  5. Подготовка на темен пандишпан. Белките се матат со шеќерот додека се добие цврст снег, а потоа се додаваат оревите, брашното, печивото и се мешаат со лажица за да се изедначат.
  6. Смесата се тура во калап/тава (големина 26), претходно намачкан со путер и набрашнет, се рамни и се пече во загреана рерна на 180 степени околу 15-20 минути.
  7. Подготовка на фил. Со миксер кратко се матат жолчките и со продолжено матење за да се изедначат и да нема грутчиња, се додаваат ванилата, шеќерот, нишестето и малку од млекото.
  8. Останатото млеко се става да се загрее. Пред да зоврие се тура смесата со жолчките и на тивок оган постојано се меша со лажица или жица додека се згусти како пудинг.
  9. Се трга од огнот, се покрива и се остава да се излади.
  10. Се мати путерот, кон кој лажица по лажица се додава од пудингот, а откако ќе се оформи изедначена смеса, се додава претходно стопеното и оладено чоколадо.
  11. Филовање. На подлога за торта се реди едниот светол пандишпан, се прска со половина од преливот и се мачка со фил.
  12. Потоа се реди темниот пандишпан и се мачка со фил.
  13. На крај се реди вториот светол пандишпан, се прска со преливот и се мачка со преостанатиот фил.
  14. Се декорира по желба и се остава во фрижидер да се стегне.

Кој не би сакал да проба парче вкусна торта со рум и ванила за да ужива во исклучителната арома?! Веруваме со ваков изглед и состав, никој не би останал рамношушен!

Рецептот го испрати Невена Ѓероска.

Сподели: