Брз посен намаз - макало од праз и пиперки 1

Брз посен намаз – макало од праз и пиперки

Ако ви досадило да јадете месо секојдневно, а не знаете што вкусно и посно да си подготвите, ви предлагаме еден рецепт за макало од праз и пиперки, кој сосем случајно го испробавме во нашата кујна и прерасна во еден од омилените посни рецепти. Вкусот е многу добар, топло препорачуваме да го пробате!  

Убавото во овој рецепт е што состојките, вкусот, количината, може да ги менувате секој пат во различен сооднос, да изоставите некоја по потреба или вкус и повторно да имате во чинијата нешто многу вкусно. Не одзема многу време и тоа го прави уште подобар. Состојките вообичаено ги имаме сите во домот, па еве како се прави.

Брз посен намаз - макало од праз и пиперки 2

Состојки:

  • 2 страка праз
  • 10 суви пиперки (може и свежи зависно од сезоната)
  • 2 средно големи компири
  • вода по потреба
  • 1-2 чешниња лук или лук во прав по вкус
  • сол и црн пипер по вкус
  • малку магдонос по желба
  • масло по потреба.

Подготовка:

  1. Започнете од пиперките. Измијте ги, исчистете ги од семето и отворени по должина ставете ги да се варат.
  2. Компирите измијте ги, излупете ги и исечете ги на кругови, па може да ги варите во садот заедно со пиперките.
  3. Празот измијте го и излупете го, а потоа ситно исечкајте го. Ставете го во тава и додајте малку вода и масло. Оставете го да се динста додека омекне, а по потреба додајте уште малку вода.
  4. Водата во која се вареле пиперките не ја фрлајте, а претходно сварените пиперки излупете ги од лушпите. Најлесно ќе го изведите тоа, ако со едната рака ја држите притисната пиперката, а со другата рака, со помош на лажица ја стружите пиперката.
  5. Откако сте ги отстраниле лушпите од пиперките, заедно со компирите, смесата испасирајте ја во вид на пире.
  6. Додајте малку од водата во која се вареле пиперките, повторно испасирајте и додајте ја смесата во тавата со омекнатиот и издинстан праз.
  7. Лукот излупете го и ситно исечкајте го.
  8. Пропржете го макалото барем 10-тина минути за да стане кремасто и поврзано, а во тоа време додајте го лукот, сол и црн пипер по вкус, како и малку масло ако има потреба.
  9. Акододавате магдонос, најдобро тоа да биде на крајот и да е ситно сечкан. На здравје!

Совет плус: Лукот може да го изоставите ако сакате да ја нема неговата арома. Испробано вкусно е и на тој начин, а празот приготвен вака, скоро и да нема мирис кој се чувствува после јадењето. Исто така, по желба како прилог може да додадете маслинки или сирење.

Ви препорачуваме да прочитате: Зачинето пире со праз и суви пиперки (посно).

Сподели: