Традиционално ајварот се приготвува со пиперки, а многумина прават варијации и додаваат модри патлиџан и моркови. Токму ваков рецепт за ајвар со модри патлиџани и моркови ни испрати Даниела.
Овој ајвар подеднакво е вкусен како и традиционалниот, па ако сакате да испробате нешто ново, овој рецепт е совршен за вас. Даниела за овој рецепт вели: „На крај откако ќе биде готов, традиција е задолжително да се печат колбаси на жар и ајварот може да се проба!“ За љубителите на нови вкусови им предлагаме и зелен ајвар.

Состојки:
- 30 кг црвени пиперки
- 8 модри патлиџани
- 3 кг морков
- 1 ½ л масло
- 3 лажици сенф
- 8 лажици шеќер
- 4 лажици сол.
Подготовка:
- Пиперките се мијат и се чистат од семките. Потоа се печат и лупат на вообичаен начин.
- Морковите се лупат, мијат и се ставаат во поголемо тенџере на оган со вода. Морковите се варат додека убаво омекнат.
- Модрите патлиџани се печат, лупат и се оставаат преку ноќ заедно со исчистените и излупени пиперки да се цедат.
- Утредента се мелат со помош на машина за мелење месо.
- Маслото се става во шерпа и се загрева. Во загреаното масло се додаваат мелените пиперки, модри патлиџани и морковите.
- Ајварот се пржи со постојано мешање додека лажицата почне да прави пат (народски кажано, а воедно и незаменлив начин да препознаете кога е готов).
- Кога ајварот ќе се испржи, се става во чисти, стерилизирани и топли тегли. Теглите со топлиот ајвар со модри патлиџани и моркови се затвораат со капак. Се превртуваат со капакот од долната страна и се оставаат да се изладат. Вакумираните тегли се превртуваат и се складираат со останатата зимница.
Рецептот го испратил: Даниела Џогова.
Ви предлагаме да прочитате: Ајвар на македонски традиционален начин.