вегетаријански ќофтиња со компири

Белоруски вегетаријански ќофтиња со компири и тиква

Имаме традиционален рецепт од белоруската кујна за вегетаријански ќофтиња со компири и тиква! Станува збор за ќофтиња кои се познати под името драники, а се приготвуваат со рендани компири, јајца, брашно и кромид, а по желба може да се додадат и други состојки како тиквички, тиква, мелено месо, печурки, сирење… 

Предлогот ни доаѓа од нашата пријателка Диана, која успешниот рецепт го објави на блогот Trydiani. Подготовката е навистина едноставна, па рецептот мора да се проба.

ќофтиња од компири

Состојки:

  • 3 компири
  • 250 грама тиква
  • 1 страк млад кромид
  • 1 големо јајце
  • 1 до 2 супени лажици брашно
  • сол, црн пипер и индиско оревче по вкус
  • 1 лажица сечкан свеж копар или магдонос
  • масло за пржење по потреба.

Подготовка:

  1. Тиквата излупете ја и изрендајте ја на крупната страна од рендето. Ренданата тиква ставете ја во сад за месење.
  2. Компирите излупете ги и изрендајте ги на крупната страна од рендето. Доколку компирите се сочни, течноста отстранете ја.
  3. Во садот со ренданата тиква, додајте ги ренданите компири. Измешајте ги.
  4. Младиот кромид ситно исечкајте го и додајте го во садот со компирите и тиквата.
  5. Во садот додајте ги и копарот и зачините. Измешајте додека се добие хомогена смеса.
  6. Додајте го јајцето и измешајте. Потоа додајте го и брашното. Добиената смеса не треба да биде многу ретка.
  7. Во нелеплива тава на оган, на умерена температура ставете масло да се загрее. Со лажица земете од смесата и формирајте ќофтиња. Ќофтињата ставете ги да се пржат во загреаното масло од двете страни додека добијат златеста боја.
  8. Пржените ќофтиња извадете ги и ставете ги врз кујнска салфетка за да се впие вишокот на масло. Сервирајте ги додека се топли. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Вегетаријански ќофтиња со праз, компири и тиквичка.

Сподели: