Во овие денови, кога сите се фокусирани на подготвување зимници, изненадете ги вашите најблиски со совршен есенски десерт. Направете брзи печива со цимет и тиква и почувствувајте го мирисот на есента во вашата кујна.
Рецептот за овие брзи печива со цимет и тиква ни доаѓа од кујната на нашата пријателка Елизабета. Изгледаат преубаво и веруваме дека се превкусни, па ви препорачуваме да ги пробате во прва прилика. А за комплетно есенско уживање, со семејството или пријателите, послужете ги во комбинација со топол чај или кафе.

Состојки:
За тесто:
- 120 мл јогурт
- 60 мл вода
- 50 мл масло за јадење
- 1 белка
- ½ лажичка сол
- 2 лажици шеќер
- 1 сув кавсец
- 2 лажици путер
- 3 чаши брашно
За фил:
- 1 лажица цимет
- 2 лажици кафеав шеќер
- 1 лажица путер
- 100 г варена и исцедена тиква
За премачкување:
- жолчка
- 1 лажица млеко
Подготовка:
- Во длабок сад ставете ги јогуртот, водата, маслото за јадење и белката. Измашајте за состојките да се соединат. Потоа, ги додавате шеќерот, солта, квасецот и постепено брашното. Замесете тесто и при крај на месењето додајте го и путерот.
- Тиквата ставете ја во блендер и изблендирајте ја за да добиете пире.
- Во друг сад измешајте цимет, кафеав шеќер и 1 лажица путер. Садот оставете го на собна температура.
- Тестото расукајте го во правоаголна форма. Премачкајте го со мешавината од цимет, путер и кафеав шеќер. Потоа распоредeте го и пирето од тиква.
- Горниот дел превиткајте го до половина и долниот врз него. Ќе добиете правоаголник со ширина од околу 10 cm. Правоаголникот исечете го на 10 ленти.
- Секоја лента ја сечете на 2 дела, но не до крај и исплетете плетенка. Сплетената плетенка свиткајте ја во форма на топче.
- Калапот за мафини премачкајте го со путер и распоредете ги затворените плетенки. Плетенките премачкајте ги со мешавина од млеко и жолчка и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минути.
- Готовите печива послужете ги во комбинација со кафе или чај и уживајте во есенските денови. На здравје!
Совети од авторот:
- Кога го премачкувате тестото, оставете ги краевите празни по 2 cm, бидејќи при формирање на плетенките може да дојде до излевање на филот.
- Откако ќе го превиткате тестото, пред да го сечете на ленти, добро е да го попрскате малку со брашно, бидејќи тестото е меко, а брашното ќе ви помогне за полесно плетење.
Автор на рецептот: Елизабета Пешовска (My little kitchen stories).
Ви предлагаме да прочитате: Домашни крцкави переци.