„И најлошиот грав ќе има преубав вкус, верувајте!“ – вели Весна, а ние знаеме дека тоа сигурно е така. Таа ни предлага испробан и вкусен рецепт за варен грав, кој сигурно ќе биде корисен за поновите, а зошто не и за поискусните домаќинки. Да видиме како се прави!
За да биде сигурни дека ова што ви го зборуваме е точно, прочитајте што вели Весна: „Мојот рецепт за грав е струмички и не го менувам цел живот. Пробав и вака и така, на гости, со моркови, со друг зеленчук, но не… Ете мене не ми оди никако морков во грав, кој е многу благ, и го покрива преубавиот вкус на гравот. Но за вкусовите, рековме, кој како сака и како му е убавко, така нека си прави. Мојот грав нема запршка, а изгледа како да има, е тоа е веќе еден марифетлук. 🙂 Повеќе кромид, повеќе масло, повеќе пиперки и црвен пипер, никако преварување и, и најлошиот грав ќе биде одличен.“

Состојки:
- 500 гр грав
- 1-2 главици кромид
- 1-2 пиперки зависно од големината
- сува пиперка
- масло
- сол, сув зачин, црвена пипер, буковец.
Подготовка:
- Гравот се мие со ладна вода, неколку пати, па се остава да кисне во вода преку ноќ.
- Утредента се фрла водата, се става нова, зоврива, после десет минути, се фрла и таа вода.
- Се налева врела вода, од страна, да не се отворат зрната, над гравот неколку прсти да биде нивото на вода, и веднаш на рингла.
- Претходно се сечкаат кромидот и пиперката на ситно. Ако имате, се додава и сувата пиперка, цела или исечкана на парчиња.
- Се додаваат две лажички црвен пипер во врелата вода, па маслото, а за подобар вкус поубаво е повеќе.
- Се размешува, се чека да зоврие убаво, се намалува, се покрива со капак и се остава да вари на најслаба температура. Гравот не треба потоа да се меша. Густината за водата се проверува кратко со спуштена лажица, може да се додаде врела вода, но внимателно, малку и по малку. Кога е киснат, таа вода што ќе ја ставите, вообичаено е доволна, но мора да се проверува.
- Кога е готов, а тоа се гледа по врвот на гравот, поинаку врие, згустено е и има меурчиња, се додава сол, сушен зачин, се меша кратко и се остава уште 5 минути. По желба може да додадете суво нане, убаво е.
- На крај, ставете уште буковец одозгора или во чинија кога е сервирано.
- Извесно време пред сервирање треба да остане со откриен капак. На здравје!
Рецептот го испратил: Весна Рор, vesnarohrrecepti.com.
Ви препорачуваме да прочитате: Посно македонско тавче гравче.