Тавче гравче е традиционален македонски специјалитет. Се подготвува од свеж македонски грав и може да се најде скоро во сите македонски ресторани. Се сервира во македонски земјени чинии.
Основните состојки за подготовка на тавче гравче се грав, кромид, масло, сува црвена пиперка, црвен и црн пипер, сол. Во различните краеви во Македонија, кон овие состојки се додаваат и други како нане, магдонос, лук, лаворов лист и слично. А ние ви го претставуваме рецептот за тавче гравче кој традиционално се приготвува во нашата кујна.

Состојки:
- 500 грама грав
- 1 главица кромид
- 2 суви црвени пиперки
- лаворов лист
- црвена пипер
- масло
- сол
- црн пипер
- буковска пипер
- суво нане.
Подготовка:
- Гравот се чисти, се мие и се потопува да лежи во ладна вода најмалку три часа (по традиција се остава преку ноќ) за да омекни. Потоа повторно се мие и се става во тенџере на оган на средна температура со вода да се вари. По првото вриење водата се истура, па во тенџерето се става нова вода.
- Во тенџерето се става излупената главица кромид, сувите пиперки и лаворовиот лист. Оставаме гравот да се вари додека омекне. По потреба додаваме вода во тенџерето.
- Кромидот го вадиме од тенџерето и го пасираме со лажица.
- Во тава на оган ставаме 50 мл масло да се загрее. Во загреаното масло го додаваме пасираниот кромид и го запржуваме. Маслото и кромидот ги додаваме во тенџерето и мешаме да се соединат состојките. Потоа во тенџерето додаваме црвена пипер, сол, црн пипер, буковска пипер и суво нане по вкус. Мешаме убаво за да се соединат состојките.
- Рерната ја загреваме на 250 степени.
- Гравот го ставаме во земјени тави и го ставаме во загреаната рерна да се печи кратко време, додека на површината се формира танка кора. Готовото тавче гравче го служиме додека е топло. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Посна салата од грав.