Вегетаријански ќофтиња со праз, компири и тиквичка

Имаме нов рецепт за вегетаријански ќофтиња со праз, компири и тиквичка. Сигурно и вие ги обожавате ќофтињата од зеленчук, па сега имате можност да дегустирате нешто ново и вкусно!

Подготовката е едноставна, а ќофтињата може да ги направите и со печени компири кои ви останале од ручекот или вечерата. Ако сте љубител и на здравиот праз, ова е рецепт кој мора да го пробате.

вегетаријански ќофтиња со праз

Состојки:

  • 1 компир со средна големина
  • 2 чаши сечкан праз
  • 1 чаша рендана тиквичка
  • ¼ чаша брашно
  • ½ јајце
  • 2 мали лажички црвена буковска пипер
  • 1 лажица ленено семе
  • сол и пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Тиквичката изрендајте ја. Ренданата тиквичка ставете ја во подлабок сад и посолете ја. Оставете ја да стои за време од 10 до 15 минути, додека пушти течност.
  2. Компирот испечете го во рерна на 180 степени за време од 40-45 минути. Компирот може да го испечете во микробранова печка за 4 минути, а тука прочитајте ја постапката. Доколку немате многу време на располагање, а не поседувате микробранова печка, компирот може да го сварите.
  3. Празот исечете го на тенки кругови.
  4. Во поголемо тенџере на оган ставете вода и посолете ја. Штом водата зоврие, во тенџерето додајте го сечканиот праз. Варете додека празот омекне, за време од 5 минути. Потоа, празот исцедете го.
  5. Ренданата тиквичка исцедете ја.
  6. Печениот компир, излупете го и испасирајте го. Во длабок сад ставете ги компирот, празот, тиквичката, брашното и зачинете ги по вкус.
  7. Јајцето скршете го во длабока чинија и изматете го со виљушка. Половина од матеното јајце додајте го во садот со празот. Во зависност од густината на смесата може да го додадете и преостанатото јајце.
  8. Добро измешајте ја смесата, а потоа формирајте ќофтиња.
  9. Во тава на оган ставете масло да се загрее. Во загреаното масло ставете ги ќофтињата да се пржат. Пржете ги од двете страни додека добијат румено кафеава боја. Пржените ќофтиња ставете ги врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
  10. Топлите ќофтиња со праз и компири послужете ги додека се топли со сос по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Вегетаријански ќофтиња од тиквичка и сирење.

Сподели: