Сезоната на зимници веќе е отворена и речиси да нема дом во кој не се приготвува нешто вкусно за зимата која ни следи. Оваа есен бидете вредни и направете си домашен пикантен кечап со ладно цедено масло, без конзерванси во кој ќе уживате преку целата година.
Вкусен, пикантен и неодолив! Совршен додаток за пици и тестенини, но и за сите јадења. Идеален за брзо поткаснување со парче леб и сирење кога немате ништо друго при рака.
Состојки:
- 3,5 кг домати
- 3-4 пиперки за ајвар
- 3-4 чешниња лук
- 1-2 лути пиперки
- 100 мл ладно цедено сончогледово масло
- 125 мл винска киселина
- 100 г шеќер
- 100 г сол.
Подготовка:
- Доматите измијте ги, а потоа ставете ги во врела вода кратко време и излупете ги.
- Пиперките измијте ги и испечете ги. Потоа излупете ги и исчистете ги од семките.
- Пиперките и лукот сомелете ги на машина или во мултипрактик, па ставете ги во поголемо тенџере каде што ќе го варите кечапот.
- Со помош на машина за кечап сомелете ги доматите. Пирето од домати ставете го во садот со пиперките и лукот.
- Во садот додајте ги ладно цеденото сончогледово масло, киселината, солта и шеќерот. Измешајте ги и започнете со варење на кечапот.
- Кечапот варете го со повремено мешање додека остане 1/3 од првобитната смеса. Топлиот кечап ставете го во чисти стерилизирани тегли или шишиња по избор. Теглите затворете ги со капак и превртете ги. Оставете ги да се изладат за да вакумираат. Потоа, теглите со домашниот пикантен кечап ставате ги на темно и ладно место, со останатата зимница. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Сушени домати во тегла со маслиново масло и оригано.