Секогаш сме се воодушевувале на вкусните тартови кои може да се купат од слаткарниците и маркетите. Не сме знаеле дека е многу лесно да се направат. А сега сите од нас ќе може да си направат домашен тарт со вишни по испробан рецепт.
Рецептот е испробан во кујната на Лана, а сликата кажува сѐ, нели?

Состојки:
- 180 грама брашно
- 60 мл јогурт или кисела павлака
- 50 грама шеќер
- 30 грама путер
- ½ мала лажичка прашок за печиво
- рендана кора од лимон
- 1 помало јајце.
Фил:
- 300 грама исчистени вишни
- 2 до 3 лажици шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 1 мала лажичка рум
- ½ мала лажичка цимет.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење ставете ги сите состојки за тестото. Замесете тесто и завиткајте го во фолија. Ставете го фрижидер за време од 30 минути.
- За тоа време пригответе го филот од вишни. Вишните ставете ги во тенџере. Врз нив додајте го шеќерот, циметот и румот. Варете за време од 20 минути додека филот се згусни и испари вишокот на течност.
- Потоа, тенџерето тргнете го од огнот и оставете го филот да се излади.
- Тестото исучете го во правоаголна кора, а мал дел оставете за декорација.
- Калапот премачкајте го со масло или путер. По желба може да користите и хартија за печење. Во калапот ставете го тестото и на неколку места избоцкајте го со виљушка.
- Врз кората распоредете го изладениот фил од вишни. Преостанатото тесто исучете го и со помош на калапи исечете форми. Формите ставете ги врз филот.
- Ставете го калапот да се печи во загреана рерна на 180 степени за време од 30 минути, додека тартот порумени. Потоа, калапот извадете го од рерната и оставете го малку да се излади. Исечете го на парчиња. Пред служење, изладениот тарт со вишни посипете го со шеќер во прав. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Тарт со кајсии.