домашен чоколаден пудинг

Домашен чоколаден пудинг

Сите обожваат пудинг! Чоколаден, ванила, шумско овошје, карамел, со бисквити, парчиња овошје… А што би рекле кога ќе ви кажеме дека имаме екстра рецепт за домашен чоколаден пудинг сервиран со слатка павлака и свежо овошје, кој е испробан во кујната на Невена?

Растопено чоколадо и млеко споени во фантастична комбинација за чоколаден пудинг! Наместо да купувате ќесички со прашок, пробајте го овој рецепт за домашен чоколаден пудинг. Многу е повкусен во споредба со пудингот направен од ќесички, па вреди да се дегустира.

чоколаден пудинг

Состојки:

  • 500 мл млеко
  • 130 гр чоколадо за готвење
  • 90 гр шеќер
  • 2 ќесички (20 гр) ванилин шеќер
  • 90 гр путер
  • 30 гр пченкарен скроб (нишесте)
  • 20 гр брашно

За декорација:

  • матена слатка павлака
  • по потреба свежо сезонско овошје – праски, кајсии, боровинки, малини, портокал.

Подготовка:

  1. Во едно тенџере ставете го млекото да се загрее.
  2. Во друго тенџере каде што ќе го правите пудингот (по можност да биде нелепливо) ставете го путерот да се стопи на ниска температура. Потоа додајте ги шеќерот и чоколадото искршено на коцки. Мешајте додека се стопат и изедначат.
  3. Пченкарниот скроб и брашното просејте ги низ сито.
  4. Во садот со растопеното чоколадо додајте ги пченкарниот скроб и брашното. Мешајте со жица за да се спои со смесата од чоколадо и да нема грутчиња.
  5. Додајте го стопленото млеко и на среден оган со постојано мешање, варете го за време од 5 – 6 минути. За тоа време пудингот ќе се згусти.
  6. Подготвениот пудинг турете го во 4 наводенети мали садови или во модли за пудинг, покријте го со најлонска фолија и оставете го да се излади, најпрво на собна температура, а потоа во фрижидер. При подготовка, добро е да знаете како да избегнете формирање на кора на пудинг.
  7. Изладениот чоколаден пудинг послужете го со изматена слатка павлака и свежо сезонско овошје што ќе ви се најде при рака.

Совет плус: Пудингот може да го послужите во садовите во кој ладел. Најубаво е да го послужите со било какво овошје, затоа што му дава освежувачка нота на пудингот.

Рецептот го испратил: Невена Ѓеровска.

Ви предлагаме да прочитате: Овошен пудинг без шеќер.

Сподели: