Речиси и да нема човек кој може да му одолее на ова ремек дело од италијанската кујна. Но за жал, кога помислуваме на пица првото нешто на што нѐ асоцира е на брза и нездрава храна. Но, тоа не е секогаш така! Доколку ја подготвите дома, со здрави состојки и зачини, таа може да биде навистина хранлив и вкусен оброк. Затоа имаме супер предлог. Направете вегетаријанска пица, а со сигурност ќе заштедите и некоја калорија во вашето дневно мени.
Овој рецепт е совршен за вегетаријанци и изобилува со зеленчук. Во продолжение погледнете го овој интересен рецепт и израдувајте ги вашите најблиски со парче вкусна и поздрава, домашна пица.

Состојки:
- 1 лажичка сув квасец
- ½ чаша млака вода
- 1 лажица брашно
- 1 ¼ чаша брашно (бело или интегрално по желба)
- 1 лажичка маслиново масло
- 1/3 лажица сол.
За фил:
- 2 лажици доматно пире
- 1 пиперка
- 1 домат
- 1 главица кромид
- 100 грама шампињони
- 1 помала тиквичка
- неколку маслинки по желба
- оригано по вкус
- свеж босилек по вкус
- 2 чешњина лук, ситно исечкани по желба
- 1 лажичка маслиново масло
- пармезан или кашкавал по желба
- сол по вкус.
Подготовка:
- Во мал сад ставете ги млаката вода, сувиот квасец и додајте една лажица брашно. Добро измешајте со лажица и оставете го квасецот да нарасне за време од неколку минути.
- Во подлабок сад за месење ставете една чаша брашно, сол по вкус, маслиново масло и нараснатиот квасец. Од оваа смеса замесете тесто. По потреба додајте уште малку брашно, за да добиете меко, лепливо тесто.
- Тестото обликувајте го во облик на топка.
- Садот во кој го месевте тестото, намрсете го.
- Тестото ставете го во намрсениот сад, покријте го со кујнска крпа и оставете го да отстои 15 минути.
- Работната површина, наросете ја со брашно.
- Ставете го тестото и со помош на рацете обликувајте го во големина на тавата за печење.
- Тавата обложете ја со хартија за печење. Ставете ја кората и оставете ја уште дополнителни 3 минути да отстои.
- Во меѓувреме загрејте ја рерната на 220оC.
- Кромидот, тиквичката, доматот и пиперката исечкајте ги на кругови. Потоа, пресечете ги на половина. Отстранете ги семките на маслинките. Печурките исечете ги на листови.
- Тестото премачкајте го со доматното пире и наредете го со круговите кромид, сечканите тиквички, пиперката, доматот, маслинките и печурките.
- Лукот ситно исечкајте го или испасирајте го со преса.
- Во сад измешајте го исечканиот лук со една лажичка маслиново масло, малку сол и оригано и со оваа смеса прелијте ја пицата.
- Врз пицата ставете пармезан или рендан кашкавал.
- Вака подготвената пица печете ја околу 17-18 минути, додека нејзините рабови поруменат.
- Исечете ја на парчиња и послужете ја со сечкан свеж босилек. Добар апетит!
Ви препорачуваме да прочитате: Морска пица со тиквички.