Домашни кори со спанаќ

Домашни кори со спанаќ (рецепт за јуфки)

Токму сега имате фантастична можност да дознаете како се прават домашни кори и тоа со вкус на спанаќ! Овој рецепт се прави многу лесно и на интересен начин.

Домашни кори со спанаќ

Состојки:

За кори:

  • спанаќ по потреба
  • брашно по потреба
  • 2 јајца

За сос:

  • малку маслиново масло
  • неутрална павлака по потреба
  • пармезан/сирење по желба.

Подготовка:

  1. Спанаќот прво исчистете го и измијте го, па сварете го и исцедете го.
  2. Исцедениот спанаќ ставете го во блендер, додајте малку маслиново масло и 1 јајце, па оставете да се иситне и да се соедини смесата.
  3. На работна маса ставете брашно (прво ставете помала количина, а ако е потребно додајте уште, бидејќи количината на брашното зависи од количината на смесата која сте ја добиле од блендираниот спанаќ).
  4. Во брашното направете длабнатина и во неа скршете го второто јајце, па додадете го блендираниот спанаќ.
  5. Замесете полека и по потреба додавајте млака вода.
  6. Измесете добро, а потоа покријте го тестото со хартиена крпа или најлонска фолија. Оставете го да нарасне.
  7. Откако тестото ќе нарасне, тргнете ја крпата, месете уште еднаш кратко, па топчето поделете го на 4 еднакви дела.
  8. Набрашнете ја работната маса и врз неа направете кора од секое парче. Кората може да ја направите со пошироко сукало.
  9. Откако кората е готова, наросете малку брашно на горната страна и завртете ја во ролна.
  10. Секоја ролничка сечете ја на парченца со ширина од околу 1 см и потоа отворете ги на работната маса. Доколку мислите дека имате потреба и не сакате да се залепат повторно употребете малку брашно.
  11. Корите се готови и можете да ги ставите во врела вода да се варат.

Можете да приготвите свој сос или да ги пробате со сосот по наш предлог. Кратко варените домашни кори со спанаќ префрлете ги во друг сад во кој сте ставиле неутрална павлака во количина која одговара на количината на корите кои сакате да ги приготвите. По желба се додава пармезан, или доколку немате додадете друго сирење, па се меша. Ставете ги во чинија за сервирање и декорирајте со малку рендано сирење или пармезан.

Пријатен апетит!

Сподели: