Сите обожаваат слатко од дуњи, но неговата подготовка и сечењето на мали парчиња понекогаш може да биде проблем. Затоа ви претставуваме полесна верзија за слатко од рендани дуњи кое може да го користите и како мармалад, да го мачкате на парче леб или да го додавате како фил на торти и колачи.
Количината на состојките во рецептот е за помали дози на слатко, а ако имате повеќе дуњи на располагање, двојно зголемете ги состојките. А добро е тоа што домашното слатко од рендани дуњи се припрема без конзерванси и други штетни адитиви.
Состојки:
- 1 кг дуњи
- ½ кг шеќер (може да додадете повеќе по вкус)
- 2 чаши вода.
- свежо цеден сок од ½ лимон по желба.
Подготовка:
- Во тенџере на оган, на средна температура ставете ја водата и шеќерот да се варат. Шеќерниот сируп варете го за време од 20 минути.
- Дуњите измијте ги, добро исчистете го од малите влакненца на површината, излупете ги и изрендајте ги на крупната страна од рендето. Ренданите дуњи додајте ги во тенџерето со шеќерниот сируп. Варете ги за време од 45 минути, односно додека слаткото се згусни и добие убава светло румена боја.
- Тенџерето со вареното слатко од рендани дуњи, тргнете го од оган. Потоа, слаткото со помош на лажица ставете го во чисти, суви и топли тегли. Теглите со слатко од рендани дуњи добро затворете ги со метални капаци и чувајте ги на ладно и суво место. На здравје!