Едноставен домашен рецепт за мали кроасани 2

Едноставен домашен рецепт за мали кроасани

Овие мали кроасани се навистина едноставни за припрема, со само едно нараснување и без многубројни преклопувања на тестото. Совршени се и во солена и во слатка варијанта, а идеални за појадок, за носење на излет или дружби со пријателите.

Може да се рече дека ова е брзинска верзија на рецепт за кроасани, а најважно е што секој ќе може да ги припреми дома, бидејќи немаат преголема комплексност, а ни специфични припреми на тестото, ниту пак содржат преголема количина на путер, а целиот процес до добивање на кроасаните трае околу час и половина или максимално до два часа.

Овие кроасани можете да ги замрзните и да ги користи во моменти кога ќе ви се појават ненадејни гости. Нудат разни можности за полнење со фил по ваш избор, а секогаш постои и опцијата да ги оставите без фил, при што во тој случај ги печите 5 минути пократко. Пробајте ги.

domasen recept za mali kroasani 2

Состојки:

  • 600 гр бело брашно
  • 350 мл млако млеко
  • 4 лажици масло
  • половина ќесичка прашок за печиво
  • 20 гр свеж квасец (малку шеќер и брашно за подигнување на квасецот)
  • 1 јајце
  • 200-250 гр путер за премачкување
  • 2 лажички сол.

За премачкување пред печење:

  • 1 јајце
  • малку сол и сусам или други семенки по желба.

*Ако се одлучите за слатка варијанта, во тестото додајте рендана кора од еден лимон или портокал, 1 ќесичка ванилин шеќер, 1 лажичка ванила ектракт и 3 лажици шеќер во прав.

Идеи за фил:

  • За солен: сирење, сирен намаз, сирење и спанаќ.
  • За сладок: нутела, мармалад по свој вкус, намази од јаткасти плодови.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете го квасесот, малку шеќер, малку млеко и брашно за подигнување на квасецот. Изматете ги со помош на лажица и оставете да квасецот да нарасне.
  2. Во одделен сад измешајте го брашното, прашкот за печиво и солта, па додајте го нараснатиот квасец и млакото млеко кое сте го измешале со маслото и на крајот додајте го јајцето. Замесете меко тесто.
  3. Убаво измесеното тесто поделете го на 8 делови. Исукајте го секој дел во круг со должина од 15-20 см. Земете го првиот круг и намачкајте го со тенко исечени ленти од путер или рендани кришки (а можете и малку да го омекнете и да го нанесете со помош на лажица), па врз него ставете го следниот круг. Постапката повторувајте ја додека дојдете до 8-миот круг тесто и врз него не ставајте путер.
  4. Така припременото тесто исукајте го со помош на сукало во круг кој со дебелина на тестото помалку од 1 см. Прво сечете го на 4 дела, па секоја четвртинка уште на 4 дела.
  5. Со помош на лажичка, во средишниот дел на секое триаголниче, ставете од филот кој сте го избрале, а потоа завиткајте ги во форма на кроасани. На почетокот притиснете го малку повеќе тестото, за да се залепи и да не излегува филот, а потоа лесно без притисок направете ја ролната.
  6. Во плех кој сте го припремиле со хартија за печење наредете ги готовите мали кроасани и оставете ги околу 35-40 минути за да нараснат. Рерната загрејте на 200 степени, околу 20-25 минути, односно додека кроасаните добијат златна боја. Пред печење, со кујнско четче намачкајте ги со изматеното јајце, а по желба додајте и сусам или семиња кои ги обожавате. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате:Колач со портокал.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: