Едноставен рецепт за варени погачки

Досега сме пробале варени ѓевреци, но не сме дегустирале варени погачки. А токму таков рецепт ни доаѓа од кујната на Клара.

Таа вели: „Рецептот неодамна го сретнав на страната на моја драга пријателка, која е репер за правење одлични теста и одлуката веднаш падна да се испробаат овие пецива. Погачките треба да добијат помазна структура од оваа прикажана на сликата. Јас ги правев околу полноќ со уште плус други работи кои чекаа за во рерна, па или не ги обликував толку прецизно или пак тоа што додадов уште 1 лажица масло во тестото ја поремети структурата, навистина не знам, но едно е сигурно – дека се одлични за јадење. Уште една работа што ми ја отежнуваше ситуацијата е што во моментот немав решеткаста лажица при рака, па тоа го правев со помош на 2 дрвени лажици, кои дополнително ми го притискаа тестото… Секако, ќе се прават уште пати, па ќе се најди точната причина за мазноста.“

варени погачки

Состојки:

  • 500 гр брашно
  • 250 мл млеко
  • 6 лажици масло
  • 1 коцка квасец
  • 1 лажиче шеќер
  • 1 лажиче сол
  • вода + 1 лажица сол.

Подготовка:

  1. Млекото ставете го во мало тенџере или ѓезве на оган за да се затопли. Потоа, тргнете го од огнот.
  2. Внимавајте, млекото не треба да биде многу жешко. Околу 100 мл од топлото млеко ставете во сад за месење.
  3. Во садот додајте ги шеќерот, 1 лажица брашно и квасецот. Измешајте со лажица за да се растопи квасецот.
  4. Штом квасецот нарасне, во садот додајте ги брашното, преостанато млеко, маслото и 1 мала лажичка сол. Замесете тесто. Продолжете со месење на тестото врз набрашнета работна маса. Садот во кој го месевте тестото премачкајте го со масло. Од тестото, формирајте топка и ставете ја во намрсениот сад. Тестото оставете го да нарасне.
  5. Потоа, поделете го на 12 топчиња и кратко замесете ги. Топчињата покријте ги со платнена кујнска крпа и оставете ги да нараснат за време од 20 минути.
  6. Во пошироко тенџере турете до половина или малку повеќе вода (во зависност колку се високи страните) и оставете ја да зоврие. Потоа, додајте ја лажицата сол.
  7. Ставајте од погачките во зовриената солена вода и варете ги по 2 минути, при што ќе ги превртувате од сите страни.
  8. Варените погачки вадете ги врз хартиена салфета, кратко време, а потоа преместете ги во тава оболжена со хартија за печење која претходно сте ја намрсиле. Наросете ги со сусам или семиња по желба и печете ги во загреана рерна на 200 степени додека поруменат. Готовите варени погачки извадете ги врз хартиена салфета и покријте ги со чиста кујнска крпа. Оставете ги да се изладат, а потоа послужете ги. На здравје!

Рецептот го испратил: Клара Бос.

Ви предлагаме да прочитате: Мини погачици со кашкавал и сланина.

Сподели: