Иако е едноставна, оваа супа е превкусна! За денешниот ручек направете мала промена на менито и пробајте ја нашата крем супа од карфиол.
Рецептот ни го испрати нашата драга Емили, а таа вели: „Супава ми е една од омилените и често се наоѓа на нашата трпеза. Во зависност од желбата на домашните, можете истата да ја подготвите и со половина брокула и така е превкусна, или исто наместо карфиолот припремете ја со брокула! Здраво и вкусно. Добар апетит!“

Состојки:
- 1 карфиол (средна големина)
- 1 главица кромид
- 1 коцка за супа од зеленчук
- вода по потреба
- масло по потреба.
Подготовка:
- Кромидот ситно исечкајте го.
- Карфиолот исечете го на цветови и измијте го. Потоа, ставете го во цедилка.
- Во тенџерето во кое ќе ја правите супата, ставете малку масло да се загрее. Во загреаното масло додајте го сечканиот кромид. Пржете со постојано мешање, додека кромидот порумени.
- Во тенџерето додајте го карфиолот и измешајте. Оставете го карфиолот кратко време да се динста.
- Потоа, во тенџерето налејте вода и додајте ја коцката за супа. Оставете ја супата да се вари за време од 15 до 20 минути на тивок оган.
- Варете ја супата додека карфиолот омекне.
- Со рачен блендер миксирајте го карфиолот додека добиете хомогена смеса. Доколку немате рачен блендер, тенџерето тргнете го од огнот и оставете ја супата кратко време да се излади. Потоа, ставете ја во блендер и миксирајте додека се добие густа супа.
- По потреба додајте вода. А еве еден супер трик од Емили за да препознаете дали сте направите добра крем супа. Измешајте ја супата со лажица. Превртете ја лажицата, а ако на долната страна сеуште има супа, значи сте ја погодиле конзистенцијата и дури најголемите готвачи ќе ви завидат.
- По желба, готовата крем супа од карфиол декорирајте ја со сос направен од магдонос, маслиново масло, сол и црн пипер. На здравје!
Рецептот го испратил: Емили Стојановски.
Ви предлагаме да прочитате: Како да подготвите безглутенски „ориз“ од карфиол?